
„Утрово ги добив најновите бројки од Центарот за контрола и превенција на болести (CDC) дека 76,4 отсто од Американците сега имаат хронична болест. Ова е вџашувачки. Кога мојот чичко (Џон Кенеди, претседател на САД, убиен во атентат во 1963 година, н.з.) беше претседател, само 11 отсто Американци имаа хронична болест. А, во 1950 година, само 3 отсто. Сега, 76,4 отсто Американци се хронично болни“, изјави американскиот секретар за здравство Роберт Кенеди, во завчерашната жестока битка во американскиот Сенат што ја водеше со сенаторите кои се противници на неговата политика „Да ја направиме Америка повторно здрава“ и кои го напаѓаа од сите страни и со сите оружја. Тоа не влијаеше врз Кенеди и тој не отстапува од својот концепт.
-Осум од десет деца денес не можат да се квалификуваат за воена служба. Ова е прашање на национална безбедност. Кога мојот чичко беше претседател, не трошевме ништо на хронични болести. Денес, трошиме 1,3 трилиони долари (1,3 билиони долари) и сумата се зголемува. Ако не се справиме со хроничните болести, ние ќе останеме најболната земја во светот, рече Кенеди.
Затоа, додаде тој во Сенатот, се извршени отпуштања на функционери од Центарот за контрола и превенција на болести, што беше една од целите на неговите противници врз основа на која го напаѓаа.
-Тие не си ја завршија својата работа. Ова беше нивна работа, да нè одржат здрави. И треба да отпуштам некои од тие луѓе за да бидам сигурен дека ова нема да се случи повторно, изјави Кенеди.

Што се однесува до критиките против него за вакцините, тој истакна дека ќе наведе еден пример, а такви може да наброи илјадници. Според него, во 2002 година, Центарот за контрола и превенција на болести (CDC) направил интерна студија во Атланта, Џорџија, и ги опсервирал децата кои ја примиле MMR вакцината на време (вакцина против мали сипаници, заушки и рубеола) и ги споредил со децата кои ја примиле подоцна, односно го споредил децата кои ја примиле пред да наполнат 36 месеци и децата кои ја примиле подоцна. Податоците од таа студија покажале дека црните момчиња кои ја примиле вакцината на време имале 260 отсто поголеми шанси да добијат дијагноза за аутизам отколку децата кои чекале.
– Но, на главниот научник за тоа, д-р Вилијам Томпсон, сениор научник за безбедност на вакцините во Центарот за контрола и превенција на болести, му беше наредено да влезе во соба со уште четири коавтори, наредбата дојде од неговиот шеф, Френк ДеСтефано, кој е раководител на печатот за безбедност на имунизацијата, и му беше наредено да ги уништи тие податоци. Потоа ја објавија студијата без тој факт. Значи, ја знаеме таа приказна, и знаеме стотици такви приказни. Се случува постојано. Овие агенции нè лажат, и ќе го промениме тоа веднаш, истакна борбениот Кенеди.
Тој го изнесе и податокот дека Центарот за контрола и превенција на болести му дозволил на синдикатот на наставници да ја напише наредбата за затворање на училиштата за време на КОВИД епидемијата со што им наштетил на работниците низ целата земја, а потоа измислиле дека затворањето на училиштата е научно заснована мерка.
А на еден од сенаторите, му рече:
„Сенаторе, колку долго седите во таа фотелја? Дваесет, дваесет и пет години? Додека хроничните болести достигнаа и се раширија кај нашите деца, кај нашата популација на 76 отсто. И не рековте ништо. Ниту збор. Никогаш не го поставивте прашањето зошто се случува ова. А, денеска, за прв пат по 20 години, дознавте дека смртноста кај новороденчињата во нашата земја се зголемила. Не затоа што дојдов тука, туку поради она што се случуваше за време на администрацијата на Бајден. А ние тоа ќе го прекинеме.“
Посебно жестока кон него беше сенаторката од Демократската партија, Елизабет Ворен, но тој и возврати обвинувајќи ја за корупција.
Tаа реагираше велејќи дека Кенеди им го одзел правото нa луѓето да ги набават вакцините против КОВИД од аптека, ако сакаат да се вакцинираат. Кенеди рече дека тоа не е точно, дека повеќето Американци ќе можат да ја добијат од нивната аптека бесплатно, а на нејзината повторна реакција, тој додаде:
„Никогаш не ветив дека ќе препорачувам производи за кои нема податок дека се безбедни. И знам дека сте зеле 855.000 долари од фармацевтските компании … Сакате да препорачам производ за кој нема клинички податоци? Дали тоа го сакате?“

Елизабет Ворен, сенаторката која Кенеди ја обвини дека зела 855 000 долари од фармацевтските компании
На прашањето на Ворен, дали верува дека КОВИД-19 беше политизиран, Кенеди изјави:
„Да, целиот процес беше политизиран. Бевме излажани за сè. Бевме излажани за, природниот имунитет. Бевме излажани, постојано ни беше кажувано дека вакцините ќе спречат пренос на вирусот, дека тие ја спречуваат инфекцијата. Не беше вистина. Тие го знаеја тоа од самиот почеток. Не беше вистина затоа што тоа го покажаа студиите врз животни и клиничките испитувања. Ни беше кажано дека постои наука која ја потврдува користа од платнените маски …“
Тој го спомена и случајот со д-р Мартин Кулдорф од Харвард, како то рече „големиот реномиран, светски познат епидемиолог и вакцинолог‘, кој ги критикуваше наредбите за задолжителна вакцинација против КОВИД и поради тоа беше отстранет.
Всушност, Кенеди презема чекори кои многумина во Сенатот не би сакале да ги презема и поради тоа беше изложен на канонада. Но, тој не отстапува.