Skip to main content

Каде исчезнува Дунав? Реката во Германија влегува под земја, а низ Европа останува без вода

Дунав, една од најголемите европски реки, ова лето е во центарот на вниманието поради драматично ниските водостои предизвикани од сушата и екстремните температури. Но, постои едно место во Германија каде Дунав навистина исчезнува – не поради сушата, туку поради уникатен природен феномен.

Во југозападниот дел на Германија, меѓу Иммендинген и Мерингeн, водата од Дунав пропаѓа низ карстниот варовнички терен и се губи во подземјето. При сушни периоди, кога протокот е доволно мал, реката на одредени места може целосно да пресуши на површината.

Но, водата не исчезнува.

Подземните води продолжуваат низ карстниот систем и повторно излегуваат на површината во изворот Ахтопф, оддалечен околу 12 километри. Оттаму водата продолжува преку реката Ах и езерото Боден, потоа влегува во Рајна и на крајот стигнува до Северното Море.Така се случува необичен природен парадокс: водата што по текот на Дунав би требало да патува кон Црното Море, во овој дел од Германија може да го промени својот подземен пат и да заврши во Северното Море.

Феноменот е познат како „Donauversickerung“ – потонување, односно истекување на Дунав во подземјето. Според Геопаркот Швапска Алба, на одредени места овој процес е толку изразен што при суша целокупната вода што пристигнува до делницата може да исчезне под земјата. Деновите кога местата на истекување остануваат суви денес се многу почести отколку порано.

Ова лето проблемот е многу поширок

И додека во Германија постои овој природен феномен, во 2026 година целото подрачје низ кое минува Дунав се соочува со исклучително ниски водостои. Сателитски снимки на програмата Copernicus, направени на почетокот на август, покажуваат драматично намалување на водостоите на повеќе големи европски реки. Кај Дунав последиците се особено видливи во Централна и Источна Европа.

Европската вселенска агенција објави снимки од Дунав северно од Будимпешта на кои се гледа колку е намалена површината на водата. Во Унгарија, нискиот водостој веќе создаде сериозни проблеми за пловидбата и енергетиката.

Ситуацијата стигна и до енергетскиот сектор. Ниското ниво и протокот на Дунав влијаат врз работењето на нуклеарните централи кои ја користат речната вода за ладење, особено во Унгарија и Романија.

Во исто време, нискиот водостој значи и проблеми за речниот транспорт. Плитките делови го ограничуваат товарниот сообраќај, а бродовите мораат да пловат со намалено количество товар.

Дунав не „исчезнува“ – водата ја губи реката по патот

Затоа, прашањето „каде исчезнува Дунав?“ има два одговори.

Во Германија, на одредена делница, водата природно се губи под земја и повторно се појавува во друг речен слив.

Но ова лето, низ голем дел од Европа, Дунав едноставно има премалку вода. Долготрајната суша, високите температури и недостигот од врнежи го намалуваат дотокот во речниот систем, а последиците стануваат сè поочигледни како реката се движи кон исток.

И токму затоа сликите од сувите речни корита, песочните острови и бродовите кои тешко се движат по Дунав не се само необична летна глетка – тие се показател колку сериозно сушата ја погодува една од најважните европски реки.

Поврзани вести