Израел го запре ослободувањето на палестинските затвореници кои требаше да бидат ослободени по враќањето на израелските заложници во знак на протест против сцените на хаосот околу ослободувањето на Арбел Јехуд, Гади Мозес и петмина тајландски државјани, јави Канал 12.
Во извештајот се вели дека затворениците биле во автобусите подготвени да бидат ослободени кога дошла наредба операцијата да запре.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) претходно потврди дека во рамките на последната размена во Газа се ослободени седум заложници, меѓу кои двајца Израелци и пет државјани на Тајланд.
Заложниците биле преземени од Црвениот крст, а потоа им беа предадени на израелските сили во Газа.
Исламски џихад претходно денеска исто така ослободи една заложничка, Агам Бергер.
Израелскиот претседател Исак Херцог го поздрави враќањето на осумте заложници во Израел и го критикуваше хаосот за време на предавањето.
До солзи сме трогнати од враќањето од заробеништво на Агам Бергер, Арбел Јехуд и Гади Мозес, заедно со пет тајландски граѓани, рече Херцог во изјавата.
Сцените од моментите на ужасот при нивното префрлање во Црвениот крст беа многу вознемирувачки и неприфатливи, истакна тој.