Skip to main content

Италија протера двајца руски дипломати за наводна шпионажа

Пиксабеј

Италија протера двајца руски дипломати во врска со истрага за шпионажа во која се вклучени поранешни италијански разузнавачки службеници обвинети за доставување класифицирани информации до Москва, јавува ДПА.

Објаснувајќи ги протерувањата шефот на дипломатијата Антонио Тајани денеска ја обвини Москва дека ги напаѓа Италија и Западот со „хибридни“ методи, опишувајќи ја наводната шпионажа како „сериозно и неприфатливо мешање во институциите и националната безбедност на Италија“.

По одлуката на владата на премиерката Џорџа Мелони, двајцата руски воени аташеа мора да ја напуштат земјата во рок од три дена, пренесува германската агенција.

Претходно неделава двајца поранешни италијански разузнавачки службеници беа приведени под сомнение дека ѝ доставувале на Русија класифицирани информации во замена за пари. И двајцата на возраст од 59 години, се верува дека шпионирале за Русија најмалку од минатата година.

И четворица припадници на италијанската војска, исто така, се наоѓаат под истрага за шпионажа.

Руското Министерство за надворешни работи веднаш соопшти дека подготвува „соодветен одговор“. Москва генерално на дипломатските протерувања одговора со идентични протерувања од типот „око за око“, потсетува ДПА.

Италија е еден од најсилните европски поддржувачи на Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година. Мелони јасно стави до знаење на самитот на НАТО оваа недела во Анкара дека тоа нема да се промени.

МИА

Поврзани вести