Skip to main content

„Фајненшл тајмс“: Институтот Тони Блер поврзан со планот на Израел за етничко чистење на Газа

mohammed-ibrahim-on-unsplash
mohammed-ibrahim-on-unsplash

Протечени документи откриваат вмешаност на Институтот Тони Блер (TBI) во планот за протерување на Палестинците од газа и привлекување инвеститори за обнова на енклавата.

Вработените од Институтот биле вклучени во изготвување планови за повоен проект за недвижности во Газа, чија цел била да ја претвори енклавата во профитабилна комерцијална зона, пишува „Фајненшл тајмс“ (ФТ).

Според весникот, проектот предвидувал вештачки острови, недвижности базирани на блокчејн и она што би било наречено „Трампова ривиера“.

Планот, наречен „Големиот фонд“, бил воден од израелски бизнисмени и користел финансиски модели развиени во рамките на Бостонската консалтинг група (BCG). Тој бил споделен со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и предложил „плаќање на половина милион Палестинци да ја напуштат областа и привлекување приватни инвеститори за развој на Газа“ – поттик за етничко чистење претставен како економско олеснување.

ФТ потврдил дека двајца членови на персоналот на TBI учествувале во повици и пораки со групата.

Интерен документ на TBI насловен како „Економскиот план за Газа“ бил споделен со учесниците, вклучувајќи предлози за вештачки острови, длабоководно пристаниште што ја поврзува Газа со коридорот Индија-Западна Азија-Европа, блокчејн трговска инфраструктура и специјални економски зони со ниски даноци.

Документот ја опишува војната како „можност што се случува еднаш во еден век за обнова на Газа од темел… како безбедно, модерно, просперитетно општество“.

Иако ги повторува деловите од израелскиот предлог, ФТ забележува дека „не се осврнува на преселувањето на Палестинците“, политика „за која американскиот претседател Доналд Трамп се залагаше претходно оваа година“.

Пд TBI првично за ФТ изјавиле дека „нема никаков придонес“ во проектот и дека приказната е „категорично лажна“. Но, откако му биле презентирани докази за вмешаноста на групата во апликацијата за пораки и интерен документ на TBI, портпаролот појаснил:

„Никогаш не сме рекле дека TBI не знае ништо за тоа на што работи оваа група или дека не биле на повиците каде што групата ги дискутирала своите планови“.

Портпаролот додал:

„Би било погрешно да се сугерира дека соработуваме со оваа група на нивниот план за Газа“.

Предлогот „Голем фонд“ би го сместил целото јавно земјиште во Газа во фонд, а средствата би се продавале преку блокчејн токени. Приватните сопственици на земјиште би можеле да го заменат својот имот за трајно домување.

Планот предвидувал дека 25% од населението на Газа ќе биде иселено, со што ќе се намалат трошоците за реконструкција.

„Заштеда од 23.000 долари за секој преместен Палестинец“, пишувало на еден слајд.

Овој финансиски инженеринг на раселување ги „препакува“ воените злосторства како намалување на трошоците, коментира ФТ.

Весникот пишува дека слајдовите содржеле брендирање за Тесла, Икеа и Амазон Веб Сервисиз „во циничен обид да се придобие наклонетоста на капиталот од Заливот и американските технолошки фирми“, иако никој не бил свесен за нивната вмешаност.

ФТ открива вмешаност на TBI во израелски план за празнење на Газа, продажба на нејзиното земјиште на блокчејн и размена на Палестинци за одморалишта и инвеститори – шема што BCG ја отфрли откако ги отпуштил консултантите кои тајно ја моделирале.

Еден извор близок до проектот за „Фајненшл тајмс“ вели дека станува збор за „економско истражување на идеите што ги изнесе претседателот Трамп“, кој во февруари предложи депопулација на Газа и нејзино претворање во „блискоисточна ривиера“, додека друг извор инсистираше дека напорот е да се создаде „подобра иднина за Газа“.

Поврзани вести