
На плоштадот Свети Петар, во Ватикан, денеска се одржува инаугуративна миса, предводена од папата Лав 14-ти, со што официјално ја започнува неговата служба како 267-ми поглавар на Римокатоличката црква. Литургиската служба почна во 10 часот, а на неа присуствуваа делегации од 150 земји и десетици илјади верници. На папата му беа врачени официјалните симболи на неговата папска функција – на прстот му беше ставен рибарски прстен, што ја симболизира врската на папата со Свети Петар. Прстенот се уништува или крши по смртта на папата.
Во говорот, папата Лав 14-ти повика на единство и помирување во црквата и светот, нагласувајќи ја улогата на Католичката црква. Меѓу присутните на мисата беа американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, американскиот државен секретар Марко Рубио и украинскиот претседател Володимир Зеленски.