Skip to main content

И во Шведска има криминални кланови, водачот е уапсен во Турција

Еден од најбараните криминални водачи во Шведска е уапсен во Турција во рамки на операција против трговија со дрога, соопшти шведската полиција.

Иако полицијата не го открива идентитетот на уапсениот, турската државна телевизија ТРТ јавува дека станува збор за 35-годишниот Исмаил Абдо, кој има двојно државјанство – шведско и турско.

Абдо се поврзува со најмалку 12 убиства во Шведска од 2023 година, вклучително и убиството на неговата мајка, за која полицијата смета дека е жртва на конфликт меѓу Абдо и поранешен сојузник.

Според ТРТ, Абдо е еден од 19 уапсени во широка акција против организирани криминални групи инволвирани во трговија со дрога и перење пари. Турските власти заплениле имот вреден околу 1,5 милијарди турски лири (околу 38 милиони евра).

Издадени се наредби за апсење за уште 21 лице, од кои четворица сè уште се во бегство, 14 се наоѓаат во странство, а тројца се веќе во притвор по други обвиненија.

Во Шведска апсењето на Абдо се смета за значаен успех на полицијата и на десничарската влада која дојде на власт во 2022 година со ветување дека ќе стави крај на криминалниот бран што ја тресе земјата повеќе од една деценија. 

Поврзани вести