
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изрази поддршката за иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп, доколку тоа значи постигнување траен мир во Украина, со безбедносни гаранции и под покровителство на Вашингтон.
Поддршката за Украина е во интерес на Европа. Ако нашиот одговор биде слаб, тоа ќе доведе до нови конфликти и ќе ги охрабри авторитарните режими, изјави фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел.
Таа повика на значително зголемување на воената и економската поддршка за Киев и нагласи дека Русија мора да биде принудена да прифати одржливо и применливо мировно решение.
Фон дер Лајен, исто така, истакна дека ЕУ мора да се реформира во одбранбениот сектор, што вклучува развој на противракетен штит, производство на беспилотни летала и зголемување на буџетот за воена индустрија. Притоа, таа најави можност Европската инвестициска банка да финансира воени проекти.