Skip to main content

Енергетски аларм во Европа: ЕК ги повика граѓаните да работат од дома

Европа се наоѓа пред сериозна енергетска криза што може да предизвика последици слични на пандемијата или почетокот на војната во Украина, предупредуваат од Брисел. Европската комисија веќе испрати итен апел до граѓаните да работат од дома, да го намалат користењето на автомобили и да патуваат поретко.

Европскиот комесар за енергетика, Дан Јоргенсен, по вонредниот состанок на министрите за енергија на ЕУ изјави дека ситуацијата е „многу сериозна“ и дека брзо решение не е на повидок.

„Дури и ако мирот дојде веднаш, Европа нема брзо да се врати на старите навики“, порача Јоргенсен, нагласувајќи дека намалувањето на потрошувачката на горива е клучно во овој момент.

Како дел од препораките, се предлага работа од дома каде што е можно, намалување на брзината на автопатите, поголема употреба на јавниот превоз и споделување возила. Паралелно, ЕУ ќе инсистира на забрзан развој на обновливи извори на енергија со цел да ја намали зависноста од увоз.

Кризата е директна последица на војната во Персискиот Залив, која доведе до сериозни нарушувања во глобалното снабдување со енергија. Особено критична е ситуацијата по затворањето на Ормускиот теснец, преку кој минуваат околу 20 проценти од светските количини на нафта и гас.

Последиците веќе се чувствуваат: цените на енергијата во Европа пораснаа и до 70 проценти, додека снабдувањето станува сè понесигурно. Иако Унијата се обиде да се потпре на алтернативни извори како САД, Норвешка и Алжир, тоа се покажува како недоволно, бидејќи азиските пазари агресивно ги преземаат достапните количини.

Аналитичарите предупредуваат дека Европа може да се соочи со сериозни недостатоци на енергија во рок од неколку недели. Најпогодени се дизелот и авионското гориво, што веќе предизвикува сериозни проблеми во транспортниот и авијацискиот сектор.

Цените на авионското гориво се повеќе од двојно зголемени, што доведе до поскапи авионски билети и можни кратења на летови. Дел од авиокомпаниите веќе размислуваат да приземјат дел од своите флоти.

Енергетската криза силно се прелева и во индустријата. Производството во хемискиот, челичниот и земјоделскиот сектор се соочува со зголемени трошоци, што резултира со поскапување на основните производи, вклучително и храната.

Економистите предупредуваат дека Европа влегува во опасна фаза на нов инфлаторен бран, со ризик од стагфлација – комбинација од слаб економски раст и високи цени. Според проценките, економскиот раст може да падне на околу 1 процент, додека инфлацијата може да ја принуди Европската централна банка да ги зголеми каматните стапки.

Ситуацијата останува неизвесна, а наредните недели ќе бидат клучни за тоа дали Европа ќе успее да го избегне најлошото сценарио.

Поврзани вести