Skip to main content

Експлозии во Каракас, забележани и авиони во низок лет

Најмалку седум експлозии се слушнале во главниот град на Венецуела, Каракас, а авиони што летале ниско биле забележани околу 2 часот наутро (7 часот наутро по централноевропско време).

Луѓето во паника излегоа од своите домови на улиците. Јужниот дел од Каракас, вклучувајќи ја и областа во близина на голема воена база, е без струја.

Фотографии објавени од колумбиската телевизиската станица NTN24 покажуваат густ чад над Каракас, видлив и во областа на аеродромот Карлота.

На видео, пак, емитувано од каналот VPItv се гледаат неколку хеликоптери како летаат над градот ноќе.

Засега нема официјален коментар од венецуелските власти и сè уште не е јасно што ги предизвикало експлозиите.

Ова се случува откако американската морнарица нападна неколку венецуелски бродови за кои се тврди дека носеле дрога.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, со месеци се заканува дека наскоро би можел да нареди напади врз копнени цели во Венецуела. Минатата недела, за време на средбата во Флорида со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Трамп потврди дека американските сили нападнале пристаниште во Венецуела кое се користи за трговија со дрога.

Венецуела вчера соопшти дека е отворена за разговори со САД за борба против трговијата со дрога.

Сепак, венецуелскиот претседател Николас Мадуро во претходно снимено интервју објавено во четврток изјави дека САД сакаат да изнудат промена на владата во Венецуела и да добијат пристап до нејзините огромни нафтени резерви преку повеќемесечна кампања за притисок што започна во август со масовно воено распоредување во Карипското Море.

Поврзани вести