
Специјалниот претставник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка со странски земји и раководител на Рускиот фонд за директни инвестиции (РФДИ) Кирил Дмитриев денеска изјави дека на Европа ѝ е потребна Русија за да преживее.
Енергетската криза ја принудува Европската Унија да стане пореалистична и да почне да ги корегира претходните грешки, рече тој, пренесен од руските медиуми.
„Како што беше предвидено, енергетската криза ја принудува ЕУ да биде пореалистична и да почне да ги корегира претходните грешки. На Европа ѝ е потребна Русија за да преживее“, напиша тој на платформата X.
Дмитриев ја коментираше веста на агенцијата Блумберг, според која Европската Унија ја разгледува можноста за привремено укинување на ограничувањата за цената на руската нафта поради кризата предизвикана од ситуацијата околу Иран.
Минатата година, ЕУ воведе механизам со кој, на секои шест месеци, максималната цена на руската нафта од типот Урал автоматски се поставува на 15 проценти под просечната пазарна цена.
Сегашната граница треба да се ревидира во текот на летото, пренесе агенцијата.
Ограничувањата им забрануваат на европските компании да обезбедуваат услуги како што се осигурување и транспорт на нафта чија цена надминува пропишан праг.
Според „Блумберг“, поради порастот на цените на енергијата поради кризата околу Иран и затворањето на Ормуската Теснина, во следната ревизија горната граница би можела да се зголеми од 60 на 65 долари за барел, додека ЕУ ја разгледува и опцијата за привремено замрзнување на ограничувањето или ограничување на какво било зголемување на нивото од 60 долари.
Извор: МИА

Македонски


