
На локацијата „Школка“ во Градскиот парк денеска во 18 часот почнува 15. издание на фестивалот „Виноскоп 2026“, кој се организира под покровителство на Град Скопје.
Фестивалот ќе трае до 17 мај и ќе понуди богата програма за сите љубители на виното, музиката и урбаното дружење. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни видови вина од бројни македонски винарии и производители на квалитетно македонско вино, претставени на фестивалските штандови. Покрај винската понуда, фестивалот ќе понуди и разновидна гастрономска содржина, како и музичко-забавна програма со настапи на домашни музички изведувачи, бендови и диџеи, информираат од Град Скопје.
Програмата на фестивалот утре ќе почне во 18 часот, во петок во 17 часот, додека за време на викендот во 12 часот.
Годинава, „Виноскоп 2026“ носи и тематски музички вечери, како и специјална дневна програма под концептот „Блуз и вино“, наменета за сите љубители на автентичниот звук, добрата атмосфера и квалитетното вино, посочуваат од Град Скопје и додаваат дека преку организацијата на „Виноскоп“, продолжуваат со поддршката и промоцијата на македонските производители на вино, винската традиција и потенцијалот на земјата за развој на винскиот туризам.

Македонски



