Skip to main content

Мицкоски од Бутел: Нашата борба е за секој човек, за иднината на Македонија

На митингот на ВМРО-ДПМНЕ во општина Бутел, премиерот и лидер на партијата Христијан Мицкоски повика на масовна излезност на претстојните избори и ја истакна важноста на граѓанската одлука за иднината на општината и државата. На настанот беше претставен кандидатот за градоначалник на Бутел, Дарко Костовски.

Во своето обраќање, Мицкоски порача дека овие избори се одлука за тоа „каква општина и каква иднина сакаат граѓаните“, нагласувајќи дека неговата партија се бори „да изгради и направи повеќе за секој еден човек“, додека, според него, политичките противници се водат од лични интереси и кариери.

„Предолго беа урива­ни темелите на Македонија и предолго се градеа кариери врз грбот на заедничката држава. Ние се бориме за достоинството на секој еден граѓанин,“ изјави Мицкоски.

Тој остро ги критикуваше политичките противници, обвинувајќи ги за „нереформиран систем“ и „кампања заснована на напади и клевети“. Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ излегува пред граѓаните со конкретна понуда и визија, а не со негативна реторика.

Посебен акцент стави на кандидатот за градоначалник на Бутел, Дарко Костовски, за кого рече дека е „човек без ниту еден скандал и градоначалник посветен на својата општина“.

„Со гласот за Дарко си помагате себеси и обезбедувате иднина за вашите деца,“ порача Мицкоски, додавајќи дека „Македонија е исправена и подготвена да оди напред“.

Митингот во Бутел беше дел од изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, која продолжува со претставување на кандидатите во останатите општини низ државата.

Поврзани вести