
Шестиот по ред „Гуш и бац е љубов“, се одржа викендов на Школка во Градски парк. Организаторот, здружението „Аутизам ААМК“ вели дека настанот е прослава на детската љубопитност, пријателство и инклузија. Беа организирани низа едукативни, креативни и забавни активности во кои учествуваа деца од најразлична возраст, со различни развојни карактеристики. Одличен настан кој секоја година не учи и не потсетува што значи емпатија, разбирање и прифаќање. „Гуш и бац е љубов“ се претвори во голема игротека со многу разновидни игри, работилници, едукативно, музичко, ликовно катче и многу други бројни интересни активности.

„Концептот беше дечињата да си дојдат, да има за сечиј интерес по нешто, да се изнаиграме, да се дружиме, добија печатчиња и на крајот ги израдуваме со мали подарочиња за спомен. Заедничкото учество во креативни активности покажа дека различностите не се пречка, туку богатство што треба да се слави. Од активности имаше креативно катче, забно катче, шминки и фризури, вежбање карате, шах, играње „Не лути се човече“, ликовно катче, полигон, сложувалки, фитнес, играње со алки, музичко катче, фудбал, домино, играње плочка, куглање, играње со топки, со лак и стрела, прескоци, тенис, кошарка, пантомима, магични залчиња“, вели Денис Јанкуловски, претседател на здружението.

Настанот имаше огромна посетеност што беше доказ, како и секогаш, дека на овие дружби, децата со атипичен развој сакаат да играат, да се смеат, сакаат да покажат дека и тие знаат, умеат, можат да пеат и танцуваат. Сакаат да бидат поканети на родендени, но и другите деца да доаѓаат на нивните. Но најважното од се` – сакаат да другаруваат, да бидат заедно со другите деца. Сакаат да растат заедно.
„Гуш и бац е љубов“ уште еднаш ја оствари целта и преку игра им покажеме на семејствата со деца со типичен развој дека треба да ги надминат своите стравови кои се резултат само на страв од непознатото, да дојдат на Школка, да се запознаат со атипичните лица и со нивните семејства, да дознаат за самата состојба или болест, да се обидат да најдат начин на кој би им помогнале – вели организаторот.

Одзивот од повеќе од 100 волонтери на настанот, сведочи за силната поддршка од заедницата и довербата во мисијата на Здружението „Аутизам ААМК“, додаваат оттаму.
„Овие волонтери се амбасадори на инклузијата и клучен ресурс за идни активности, покажувајќи дека постои подготвеност за ширење на инклузивната култура во општеството. Нивната ангажираност го потврдува потенцијалот за организирање на уште поголеми и повлијателни настани. Волонтерите беа составени од индивидуалци, експерти и дефектолози, психолози и припадници на Црвениот крст. Меѓу волонтерите имаше и фотографи и сниматели кои веќе изработуваат видео кое ќе ја долови вистинската вредност на настанот, организаторите со радост и нетрпение исчекуваат да го споделат со бескрајна благодарност до креаторите“, велат во здружението.
На настанот беше промовирана и навеселата и најдругарската песна „Гуш и Бац“, која е вистинска химна за пријателството, љубовта и инклузијата,
ФОТО: Facebook