
Во Зрновци денеска официјално започна да се гради Дом за стари лица, прв објект од ваков карактер во источниот дел на Македонија. Станува збор за приватна инвестиција на компанијата „Еко Пак Хит“ од Кочани. Домот ќе располага со површина од 1800 квадратни метри. Во зградата ќе можат да се сместат 64 лица во 32 соби. Во прв момент предвидено е да се вработат 30 лица. Во зависност од потребите, во подоцнежна фаза може да се дојде до бројка од 50 вработени лица.
Ова го изјави, Билјана Митева, претставник на „Еко Пак Хит“, после положувањето на камен-темелникот, чин што го освети митрополитот Брегалнички, господин Иларион, а на кој присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
Целта за изградба на овој Дом не е само развој на Општина Зрновци, туку развој на целиот Источен регион. На раѓањето на Пресвета Богородица сите сме сведоци на раѓање на нов проект, кој ќе овозможи поквалитетен живот на повозрасните и нови работни места, нагласи претставникот на „Еко Пак Хит“, Билјана Митева, заблагодарувајќи му на премиерот Мицкоски за неговото присуство и за соработката со Владата во врска со инвестицијата.
Мицкоски, пак, од свое име им честиташе на инвеститорот што се одлучиле да инвестираат во еден ваков објект, овде во Општина Зрновци. Според него, тие се пионери во Источна Македонија. Она што тие денес го започнуваат, смета тој, е додавање вредност во квалитетот на животот на жителите во овие општини и генерално во источниот дел од државата.
Се потрудивме и како Влада и градоначалникот, како Општина Зрновци, да сториме се што е во наша моќ, нормално и во наши ингеренции, да помогнеме тој процес да се забрза и денес да се радуваме на овој преубав ден, раѓањето на Пресвета Богородица да создаде едно раѓање на еден нов објект, којшто ќе значи долг живот за сите оние коишто ќе ги користат неговите услугите, нагласи премиерот Мицкоски.
За градоначалникот на Општина Зрновци, Борчо Коцев, почетокот на изградба на Домот за стари лица е значаен настан што значи развој на Општината и создавање услови за поквалитетен и подостоен живот за највозрасните граѓани.
Домот за стари лица во Зрновци, општина што се наоѓа на десетина километри од Кочани, треба да биде готов да ги прими првите станари во наредниот период од 12 месеци. Инвеститорот планира, исто така во Зрновци, да подигне и сместувачки капацитети за луѓето што ќе ги посетуваат своите блиски што се сместени во Домот за стари лица.