
На 13 јули 1951, само неколку дена по пристигнувањето на јадранскиот остров Голи Оток, на 68-годишна возраст, од замор, изнемоштеност, прегладнетост, од тортурата од југословенските власти, починал Панко Брашнаров – македонски национален деец, кој целиот свој живот ѝ го посвети на борбата за социјална правда и национална слобода на својот народ, како што истакнува историчарката Виолета Ачкоска.
– Поради политичката активност на тој план бил осуден од режимот на Кралството Југославија и поминал 7 години на робија. Социјалист по убедување, доследен на идеите на Илинден, како најстар делегат имал чест да го отвори Првото заседание на АСНОМ на коешто беше прогласена првата современа македонска држава – Демократска Федерална Македонија. Во неговиот вдаховен говор ги изразува вековните стремежи на Македонците за своја држава, но и надежите за повторно обединување на распарчениот македонски народ. За жал, неговиот живот трагично завршува на Голи Оток, за време на нападот на Информбирото врз Југославија. Долго време, сѐ до распадот на СФРЈ, неговата личност беше табу-тема во македонската историографија. Денес може да се гордееме со него, како со народен трибун и револуционер кој го жртвувал личниот живот за високиот идеал на слободата, изјави проф. Ачкоска.
Соученикот на велешките Гемиџии, сведокот на двата Илиндена, човекот кој му се посвети на ослободувањето на Македонија – голем дел од животот го мина по затвори заради својот патриотизам и идеализам, и поради својата борба за македонското дело, а остана и без свое семејство и потомство. Панко Брашнаров (или само Брашнар) е роден на 27 јули 1883 година, во Велес, во куќата на Тодор и Коца Брашнарови, како четврто дете – по браќата Димитар, Јован и Милан. По завршувањето на Прогимназијата во Велес, се запишува на Педагошката школа во Скопје. Тука некаде се будат неговите револуционерни идеи за Македонија и нејзиното ослободување.

Во почетокот, од 1900. до 1908 година, како македонски национал-револуционер и борец – е член на ВМРО во групата на учителот Андон Димов. По Младотурската револуција (1908), Брашнар ги прифаќа социјалистичките идеи, коишто за него биле остварување на најголемиот негов идеал – решавање на македонското прашање и независна Македонија.
По завршувањето на Педагошката школа во 1901., станува народен учител. Неговото учителствување низ Македонија почнува прво во кумановските села Четирци, Градиште и Горно Коњари. Потоа, три години работи во Велес и во велешкото село Бистрица, пред да продолжи во Ново Село, Штипско, па пак да биде прераспореден во Велес.
Овие чести преместувања се должат на отпорот којшто Брашнар го покажувал кон политиката на Бугарската егзархија, којашто настојувала во македонските училишта да се учи на официјалниот бугарски јазик и против бугаризацијата на Македонија.
Во 1908. заедно со Алексо Мартулков и Јордан Шурков, Брашнар ѝ се приклучува на Социјалистичката организација во Велес. Неговата борба против завојувачките и однародувачките политики на соседите (Србија, Бугарија и Грција), е константна.
На митинг во Велес е поставено барањето за слободата на македонскиот народ – во рамки на една идна „Балканска федерација“.
Во 1912., Брашнар се спротиставува на поделбата на Македонија меѓу Србија, Бугарија и Грција, приклучувајќи ѝ се на групата македонски револуционери предводена од Димитрија Чуповски, Петар Попарсов итн. Со нив ја подготвува и Семакедонската конференција којашто се одржува во Велес таа година. Како заклучок и исход од Конференцијата, произлегле два меморандуми каде што се бара автономија на Македонија како единствено можно решение за спас на Македонија по нејзино распарчување меѓу соседните држави.
Во Првата светска војна (1914 – 1918), Брашнаров е мобилизиран во бугарската армија. По крајот на војната, во 1919 година, тој е во Софија каде што се поврзува со Васил Главинов, Димо Хаџи Димов и други македонски дејци.
Со Версајскиот договор, вардарскиот дел на Македонија е дел од Кралството СХС. Брашнар се враќа во Велес, па српските власти му нудат да работи како учител по српски јазик – тој одбива. Во тоа време работи како воденичар, бавчанџија, бакал… На крај бил најмен во кафеана којашто станува средиште на левичарското движење во градот.
Српските колонизатори и колонисти, користејќи ја тнр. „Аграрна реформа“ во новата проширена, во суштина велико-српска држава, ја земале земјата на месното, домородно македонско население. Но, тоа било само дел од угнетувањето врз Македонците од страна на властите во Кралството СХС, поради што нашиот народ ја поддржал Социјалистичката партија на Југославија (комунисти). И весникот „Радничке новине“ говори за „белиот терор“ на српската „капиталистичка класа“ врз населението во Македонија. Во 1920. на истовремените општински и парламентарни избори, уживајќи поддршка од Македонците, Социјалистичката партија победила во Скопје, Велес, Куманово и Кавадарци. Тодор Зографски, во своите „Спомени“, пишува:
„Имавме двајца учители во раководството на партијата, од порано и сега, кои не сакаа да бидат српски учители и да вршат по принуда однародувачка работа над децата на својот народ, и да ги воспитуваат во шовинистички дух. Едниот, Панко Брашнаров, работеше во воденицата на својот брат, а другиот, Јовче Џипунов, се занимаваше со тулаџилак и други работи. Таквата упорност во личниот живот правеше впечаток на народот и вдахнуваше почитување и верба.“

Во тој период Брашнар е член на Социјалистичката партија. Во 1921. во Велес доаѓаат Илија Кушев и поетот Љубомир Весов – велешани, со порака од Тодор Александров до левичарската група од Велес за создавање чети кои би дејствувале во Велешко. На состанокот е и Панко Брашнар. Тие категорично ги одбиле понудите на Александров, оти овој важел за орудие на бугарскиот дворец, иако и Александров во тој период, на пример во англиските и германските весници, сѐ погласно говори за самостојна македонска нација.
Летото 1924., Брашнар е еден од првите револуционери од Вардарскиот Дел на Македонија на кого му е пренесена веста за обединување на македонските револуционерни сили засновано на Мајскиот манифест (од 6 мај 1924). Брашнаров веднаш ги прифаќа идеите на Манифестот, и заедно со Ризо Ризов во Велес основаат групи на ВМРО (Обединета), кои ќе дејствуваат и со учество на комунистите.
Пролетта 1926., Брашнаров учествува на Третиот конгрес на Комунистичката партија на Југославија во Виена, Австрија, на којшто е донесена Резолуција за националното прашање. Во август 1926., состанокот на партиската организација во Велес е откриен од властите. Уапсени се Брашнаров кој претседавал со состанокот, Борис Карбев, Јовче Џипунов, Никола Крстев и Бане Андреев. Полицијата запленила и нелегален материјал, во којшто и примероци од весниците „Македонско дело“ и „Балканска федерација“.
Брашнаров и Карбев се осудени на две години затвор.
По одлежувањето на казната, Брашнар во 1928. се враќа во Велес. Продолжува со својата револуционерна дејност, поради којашто е затворан уште неколкупати. Поради сиве овие случувања, следното десетлетие југословенските власти и полицијата постојано го следат. Во меѓувреме ВМРО-Обединета е распуштена, па Брашнаров одредено време останува мирен во дејноста.
Натаму, Втората светска војна довела нова неповолна положба за македонскиот народ. Бугарските окупатори со добро познатата пропагандна лажна претстава на ослободители, се обиделе да го искористат авторитетот на Брашнар – за свои цели. Најверојатно без негово знаење и одобрување, Бугарите и пробугарските елементи во Македонија го запишуваат за член на Акциониот комитет во Велес. Брашнар, секако, воопшто не присуствувал на состаноците организирани од тоа здружение.
Брашнаров ја одбива и понудата да биде учител на Бугарски јазик и продолжил да работи во бакалскиот дуќан каде што работел по последното враќање од затвор.
Кон крајот на 1941. Брашнаров повторно решава да се вклучи во националноослободителната борба. Упатувајќи се кон средба со илегалецот од Куманово – Панче Пешев, Брашнар е уапсен од бугарските власти. По 10-ина дена затвор, поради немање докази за обвинение, е ослободен.
Наредната 1942. и ’43 година тој е агитатор на ослободителното движење по велешките села. Велешкиот партизански одред во тоа време бие жестоки битки со Бугарите. Во своите „Спомени“, командантот на Главниот штаб на НОВ, Михајло Апостолски ќе напише:
„Панко Брашнаров, иако имаше преку 60 години, стоички ја издржа целата Пролетна офанзива (поход на германските и бугарските наци-фашистички сили – пролетта 1944. во Македонија, н.з.). Тоа беа огромни напори. Се водеа деноноќни борби, се изведуваа маршеви. Сѐ тоа стоички го издржа без никакви забелешки. Беше пример за останатите борци кои велеа: ‘Ако може тој да издржи, можеме и ние’.“

На 2 август 1944, кај Манастирот Св. Прохор Пчински – како најстар делегат на Првото заседание на АСНОМ, Панко Брашнаров го отвора Заседанието. Неговите зборови ќе останат вечен спомен за него и љубовта кон Македонија. Тој, меѓу другото, вели:
„Другари и другарки, народни претставители. Во овој момент, во ова историско место – Св. Отец Прохор Пчински, и на овој историски ден – ИЛИНДЕН, кога објавувам да е отворено првото Антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнета со радост, и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплискујат ја целата македонска земја, сакајќи да го измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самоиловата Држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна Македонија.
Во овој миг, земјата на нашите покојници – многубројните народни херои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија…
Во знак на почитание спрема падналите јунаци, ја ве повикувам да им ја изразиме со еден минут молчание нашата вечна, бескрајна признателност. Вечна слава на падналите херои за слободата на Македонија.
Другари народни претставители, жив сум свидетел на двата Илиндена – 1903 и 1944 година. Во моите спомени се книжат безброј моменти на илинденската народна епопеја и Крушовската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жедта му за слобода, борбата го дари со слободна Крушовска република. Но разјарениот башибозук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаја оазисот на слободна Македонија – Крушовската република, го задушија востанието и го стегнаја искрвавениот македонски народ во ново ропство.
Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана…“
По Резолуцијата на Информбирото против КПЈ во јуни 1948., Брашнар мотивиран од нецелосно решеното македонско прашање, делумно застанува на страната на СССР. На 1 октомври 1948 година, според истражувачот Предраг Димитриевски, заедно со Павел Шатев, до ЦК на Советската комунистичка партија упатуваат доверливо писмо. Тука се наведува:
„Прашањето за обединување на македонскиот народ уште од самиот почеток се поткопа поради неговото неправилно поставување од страна на ЦК КПЈ во смисла – обединета Македонија да се присоедини кон ФНРЈ, без да се води сметка за посебните, специфични услови, ниту за братските соседни земји… Таа парола, тоа становиште за обединување на македонскиот народ во рамките на ФНРЈ имаше смисла во 1943/44 година, кога македонскиот народ беше поставен пред алтернативата или да остане како јужно-србијанец, т.е. да биде оставен на српска асимилација, односно фактички да биде уништен од една страна. Од друга страна пак, постоечкиот чисто фашистички режим во Бугарија, фактички веќе окупирана од Германците, наспроти напорите, спротивставувањето и борбите на прогресивните елементи и сили во државата на чело со БРП(к), не дозволи тие да излезат на површината, да се пројават посилно и поотворено, за да можеше да се постави конкретно и поинаку целосното ослободување и обединување на македонскиот народ. Но, сега кога во Бугарија на чело стои БРП(к) којашто во ништо не заостанува зад КПЈ, нема смисла да се натпреваруваме за заземање или заграбување земји, што припаѓаат на самиот македонски народ, а не на ЦК ЈКП.“
Брашнаров е уапсен од југословенските власти на 11 декември 1950 година. На 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа“ во траење од 24 месеци. Во првите денови од јули е испратен во озлогласениот логор на Голи Оток, каде што набрзо – на 13 јули починал.
Цели 60 години не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки, но во септември 2011 година, новинарите Владимир Тевчев, Александар Кукулев и снимателот Данчо Стефков успеаја да го пронајдат гробот на Панко Брашнаров. Почива во Загреб, а во меѓувреме се случиле и две ексхумации и преместувања. И покрај неколкуте обиди и иницијативи оттогаш, посмртните останки на Брашнар сѐ уште не се донесени во Македонија.
Извор МИА