Skip to main content

ВЛЕН најавува „историско обединување“ на 9 мај: Една партија, еден правец, една мисија

Една недела нè дели од, како што велат од ВЛЕН, големото обединување на Албанците во земјата. Во соопштението се наведува дека на 9 Мај, Денот на Европа, ВЛЕН ќе прерасне од сојуз на политички субјекти во единствена политичка сила со едно име, заеднички правец и мисија.

Од коалицијата оценуваат дека со овој чекор се затвора ерата на политичка расцепканост кај Албанците, посочувајќи дека поделбите со години биле претставувани како плурализам, а личните интереси како патриотизам.

Под слоганот „ВЛЕН ЕДНО“, 850 делегати треба да го формализираат обединувањето, со кое пет политички субјекти ќе се спојат во едно политичко тело, исполнувајќи го ветувањето за силен и организиран политички фактор што ќе настапува со единствен став.

Датумот, како што истакнуваат, не е случаен – 9 Мај, Денот на Европа, го симболизира обединувањето како вредност, која ВЛЕН сака да ја претвори во политичка реалност.

Од таму додаваат дека за оние кои, според нив, профитирале од поделбите, ова е лоша вест, додека за Албанците кои бараат одговорно и чесно претставување – голема можност.

Поврзани вести