Skip to main content

Три децении дипломатски односи: Димитровски и премиерот на Камбоџа разговарале за унапредување на соработката

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, во рамки на учеството на министерската конференција на Франкофонијата во Пном Пен, во својство на шеф на македонската делегација, оствари средба со премиерот на Кралството Камбоџа, Самдеч Моха Борвор Типадеј Хун Манет.

Како што информираат од министерството, на средбата, Димитровски изразил благодарност за укажаното гостопримство и срдечниот прием, пренесувајќи му честитки од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, по повод Денот на независноста на Кралството Камбоџа кој се одбележа на 9 ноември. Тој истакнал дека оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете пријателски земји, што претставува значајна можност за нов импулс во нивното натамошно унапредување.

Во таа насока, Димитровски ја нагласил важноста од интензивирање на билатералната соработка во сите области од заемен интерес, со посебен акцент на развојот на економските и трговските односи, упатувајќи и отворена покана до премиерот Хун Манет да ја посети нашата држава.

Димитровски, исто така, упатил и честитки за успешната организација на министерската конференција и 20. Самит на Франкофонијата во Пном Пен, нагласувајќи дека членството во Меѓународната организација на Франкофонијата, како и соработката во рамките на Обединетите нации и другите мултилатерални форуми, претставуваат значајна основа за продлабочување на односите и зајакнување на меѓусебната поддршка на меѓународен план.

Премиерот на Камбоџа Хун Манет се согласил дека постои потенцијал за натамошно продлабочување на билатералната соработка, посочувајќи ја потребата од организирање политички консултации меѓу двете земји, како механизам за идентификување конкретни области и можности за нејзино унапредување.

Притоа, тој ја истакнал гордоста на Кралството Камбоџа што е домаќин на 20. Самит на Франкофонијата, кој обединува претставници на повеќе од 90 земји и претставува значаен израз на солидарноста, дијалогот и соработката во рамките на франкофонското семејство. 

Поврзани вести