
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека корупцијата ја уништи Македонија и дека земјата се доведе до тоа да изгуби 60 млади животи. Според него, мора максимално да се покаже капацитет за овозможување правда согласно законските процедури.
Кога јавноста ќе види за какви суми се издавале вакви нелегални документи, ќе се згрози. Сите за кои имаме сомневање, се обезбедени“, изјави Тошковски.
Тој најави дека ќе се испита вклученоста на повеќе институции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, како и правните лица кои имале овластување да потпишуваат документи. Според Тошковски, во еден од потпишаните документи било наведено дека објектот ги исполнува сите услови согласно законот, вклучително градежната конструкција, влезовите и излезите, што, како што посочи, не било точно.
Непрофесионалноста, неморалното и нечесното поведение се вмрежани и во државните и во правните институции. Корупцијата ни го изеде општеството. Било какво влијание на незаконитост, а притоа таа незаконитост не донела до ова денес, ќе има одговорност!“, категоричен беше министерот.
Во текот на денешниот ден имавме разговор и со градоначалникот, кој е во оставка. И, да, точно е дека се преземаат дејствија во цел целосно утврдување на предметната и правна постапка. Го разбирам гневот на секој граѓанин, очајот и целата болка на секој македонски граѓанин. И јас ја имам. Но, мораме да бидеме разумни, мораме да работиме согласно закон, мораме да преземаме дејствија кои ќе нè доведат до правда. Преку неправда, никогаш нема да стигнеме до правда. Мора верските лидери и политичарите да повикаат на разум. МВР заедно со сите останати институции кои имаат надлежност за извршување, особено ЈО. Брат да ми е, каква било врска да има со ова, ќе одговара. Јавноста ќе види во наредните денови дека ќе има разлика во постапувањето. Нема да е крив пајакот, нема да е крив кабелот. Секој кој учествувал, без разлика дали е министер, директор, од најмалото до најголемото, секој кој сторил незаконитост, ќе одговара, ве уверувам, рече Тошковски.