Јас не можам да прифатам барање за оставка од луѓе кои беа виновни за пожарот што се случи во модуларната болница во Тетово, вели во интервју за „Слободен печат“, министерот за здравство Арбен Таравари, прашан дали ќе поднесе оставка по произвки поради смртноста на децата на Детската клиника.
Министерот вели дека за да критикуваш, треба да имаш морален кредибилитет.
– Јас не можам да прифатам барање за оставка од луѓе кои беа криви за пожарот што се случи во модуларната болница во Тетово. Што се однесува до Клиниката за педијатрија, јас ги разгледував статистиките за цела година. Според нив, заклучно со 1 декември годинава, најмал е процентот на починати деца. Да беше оваа година стапката на морталитет повисока од сите други осум претходни години, досега ќе беше сменет директорот, додава министерот.
За Законот за употреба на јазиците вели дека воопшто не требало да се испрати во Венецијанска комисија уште кога се донесе во 2017 година.
– Законот продолжува да се употребува во државата исто како и порано, со ретки исклучоци на некоја институција каде што директорите Македонци сакаа да покажуваат дека ако не го почитуваме јазикот, ние сме националисти, што мислам дека не е во ред. Законот сè уште е во сила и се надевам дека враќање назад од тој закон нема, вели Таравари.
За претстојните локални избори и за тоа дали има договор со ВМРО-ДПМНЕ како ќе настапат, Таравари вели дека начелно имале договор за урбаните општини во западна Македонија и одредени општини каде ВМРО-ДПМНЕ може да има интерес од гласовите на „Вреди“. Иако немало дефинитивен договор, тој изразува надеж дека ќе има една поддршка ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН.
За вработувањата во здравството вели дека официјално ќе бидат во новата година. Првите триста лекари ќе се вработеле многу скоро. Процедурално од Министерството за финансии дозволена била целата процедура, само административно требало клиниките да ги прифатат. За 1.180 генерално средномедицински кадар, веќе имало согласност од Министерството за финансии. Само технички требало да ги распределат, односно да ги трансформираат вработувањата од договор на дело во редовен работен однос. За платите во здравство вели дека до 2027 ќе има зголемување за 40 проценти во однос на денешните плати.
– Дозволивме и да се вработуваат докторите од приватните клиники во државни клиники. Имаше забрана до јули 2022 година. Сега веќе е тргната таа забрана и повеќе од десетина доктори се во процедура на префрлање од приватно во државно здравство. Има огромен интерес за враќање, се надевам на уште десетици доктори кои ќе се префрлат. Исто така би сакал ексклузивно да кажам, дека има интерес од доктори кои работат во странство во Шведска, во Данска, во Швајцарија, во Германија, да се вратат во земјата и да дадат нивен придонес, вели Таравари.
Што се однесува до компресорската станица, Таравари вели дека веќе е избрана компанија што треба да работи. До крајот на јануари треба да биде ставена во функција, а старата ќе се користи како резерва и ќе биде поправена. Во меѓувреме се реновираат и хируршките сали.
– Веќе имаме компанија што треба да започне со реновирање на девет хируршки сали. А во меѓувреме, веќе се работи и на реновирање на Карил. Тоа беше една од клиниките што имаше полоши услови, а се лекуваат најтешките пациенти. И јас се надевам дека до крајот на идната година ќе имаме комплетно реновирани хируршки сали и комплетно реновирана интензивна нега на Клиничкиот центар, појаснува Таравари.
За катни гаражи се зборува веќе 4-5 години и како што посочува јавната набавка е завршена и веќе е пријавена компанија што треба да ги постави.
– Јас се надевам дека од Нова година ќе започне и со монтирање и со организирањето на сите паркинг-места во Клиничкиот центар. Во моментот има околу 700 до 800 паркинг-места. Со реорганизација и со новите катни гаражи треба да има минимум 1.600 паркинг-места, што е двапати повеќе, вели Таравари.
За спојувањето на клиниките во една целина, тој вели дека треба да се спојат што поскоро и дека веќе има работна група во Министерството.
Тој најавува нов Закон за здравство бидејќи се подготвуваме да бидеме членка на Европска Унија.