
За опоравување на некои пациенти од несреќата во Кочани сигурно ќе бидат потребни неколку недели, меѓутоа ќе имаме и такви пациенти на кои ќе им биде потребна рехабилитација повеќе месеци, рече министерот за здравство Арбен Таравари. Подготвени сме за секој детал, рече тој, појаснувајќи дека државата ќе се погрижи не само во лекувањето на физичкото здравје, туку и на естетскиот изглед со оглед на тоа што се работи за млади лица.
– Подготвени сме за секој детал, бидејќи не се работи само за физичко здравје, туку и за естетски изглед, бидејќи се работи за млади лица со старосна граница од 15 до 35-40 години. Да се погрижиме за секоја ситница, целта ни е овие деца да продолжат да живеат нормално и да не бидат стигматизирани во општеството поради нивниот изглед, бидејќи изгорениците остануваат со одредени последици, генерално повредите се во рацете и лицата на овие деца, рече Таравари во гостување во вечерашното хуманитарно отворено студио на телевизијата Канал 5 за донирање на настраданите во Кочани.
Појасни дека се работи за 190 повредени, од кои дел се веќе дома, 15 се лекуваат во Скопје, додека 99 пациенти се лекуваат надвор од државата.
– После десет дена среќен сум што немаме ниту еден починат од тие што ја преживеаја несреќата во Кочани. Се работи за 190 пациенти, дел од нив се веќе дома, 15 се лекуваат во Скопје, додека 99 се лекуваат надвор од државата. Полека ги враќаме пациентите и се надевам дека бројките ќе бидат помали во наредниот период. Ние треба континуирано да сме обединети, жалам што треба да се случат вакви трагедии за да сите ние сфатиме дека силата е во единството и дека очајно ни треба како нација и држава, без разлика на нашите етнички и верски разлики. Мислам дека Македонија е обединета, но, за жал беше обединета во тага и болка. Би сакал еден ден сите ние да се обединиме за нешто убаво, што ќе значи живот, радост и иднина, рече Таравари.
Дел од отвореното студио беше и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој посочи дека земјава, за жал, во многу краток период се има соочено со слични случаи за кои потребно е да се изврши ревизија и да се сноси одговорност, бидејќи, како што рече, само така ќе се испрати порака до сите кои имаат надлежности да се однесуваат на ниво на задачата.
– Се работи за тешка трагедија, не знаеш што да кажеш во овие прилики. Ова нè обедини внатре не само како граѓани и политичари, туку и во региониот и пошироко. Сите жалат, тагуваат и речиси никој не можеше да поверува дека во еден миг заминаа многу млади животи. Но, тоа е мора да се продолжи и треба да се извлече поука од сето ова. Добро е што функционира правната држава, има одговорност. Во многу краток период, за жал, имавме вакви случаи за кои мислам дека треба да има ревизија и да се сноси одговорност, бидејќи само така ќе испратиме порака до сите кои што имаат надлежности да се однесуваат на ниво на задачата, бидејќи во моментот можеби изгледа нешто мало, но последиците се големи, рече Меџити.
ТВ Канал 5 вечерва организираше донаторска вечер со телефински јавувања, на која учество земаа претседателката Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, министри, претседателот на СДСМ Венко Филипче, градоначалници, претседателот на ЗНАМ и кумановски градоначалник Максим Димитриевски, луѓе од јавниот и општествениот живот.