Skip to main content

Сведоштво пред американскиот Конгрес – медиум финансиран од УСАИД напаѓал конгресмени кои укажувале на нивната поврзаност со Фондацијата Сорос во Македонија

Активностите на УСАИД во Македонија беа тема на вчерашната дискусија во американскиот Конгрес, во Комисијата за надзор над работата на државната администрација на која конкретно се разгледуваше досегашната работа на агенцијата ДОГЕ на Илон Маск и злоупотребите кои тој ги откри во агенцијата УСАИД.

Еден од четворицата говорници поканети да се обратат пред Комисијата, Тајлер О’Нил од конзервативната фондација Херитиџ, посочи на истражувањата кои оваа фондација ги вршеше во Македонија во 2017 година, кога УСАИД беше активно вклучен во помагање на Шарената револуција. О’Нил кажа дека УСАИД своите активности тесно ги координирал со фондацијата Отворено Општество на Џорџ Сорос, која исто така беше отворено вклучена во организирање и финансирање на Шарената револуција.


Оваа поврзаност стана сериозен проблем за УСАИД по изборот на Доналд Трамп за претседател во 2016 година. Конзервативни организации како Херитиџ коментираа дека е недозволиво американската влада да координира политички активности со радикалниот крајно левичарски настроен милијардер Сорос. Бидејќи поврзаноста на УСАИД со Сорос стана неодбранлива, директорите на УСАИД се свртеа кон медиуми под нивна контрола да ги оцрнат критичарите на овие постапки.

Меѓу најгласните такви критичари беа сенаторот Мајк Ли, конгресменот Крис Смит, како и истражувачот на Херитиџ Мајк Гонзалез – тројцата посочуваа на политичката криза во Македонија, вмешаноста на американската дипломатија во неа и на непринципиелната и неприфатлива поврзаност на УСАИД со мрежата на Сорос. И сите тројца беа повеќе пати напаѓани во медиуми поврзани со УСАИД дека се наводни соработници на Кремљ – омилената основа за оцрнување на нивните политички противници.

Фондацијата на Сорос има долга историја со УСАИД. Фондацијата Отворено Општество и УСАИД заедно го финансираа проектот OCCRP, медиум кој напаѓа конзервативци затоа што го критикувале Сорос. Фондацијата Отворено Општество и УСАИД заедно го финансираа Институтот Ист Вест. Меѓу други негови активности, Ист Вест спроведе промени во правосудството во Албанија за кои нивните критичари велат дека довеле до прогон на опозицискиот лидер Сали Бериша во Албанија, изјави О’Нил во Конгресот на САД. Ист Вест Институтот има добиено повеќе милионски грантови од УСАИД за да го „развива граѓанското општество“ во Македонија – грантови за кои се обвинуваше дека се користеле за финансирање на Шарената револуција.

Во неговите белешки, кои се доставени до Комисијата за надзор на Конгресот, О’Нил посочува дека во примерот на Македонија, медиумската организација OCCRP ги напаѓала сенаторот Ли, конгресменот Смит и Гонзалез дека водат „крстоносна војна против Сорос“. „Зошто плаќам пари за данок, за медиумска организација да ме напаѓа? Зошто странска организација напаѓа домашни политички активисти во име на американската Влада?“, цитиран е Гонзалез.

Текстот на OCCRP кој беше посочен пред Комисијата за надзор на САД е објавен во јуни 2017та година, од страна на Обри Блефорд и Сашка Цветковска. Во него се обвинуваат фондацијата Херитиџ, посочените сенатори и конгресмени како и телевизијата Фокс и медиумот Брајтбарт дека посочувале на политичката заднина на Шарената револуција.

Низ текстот се расфрлани обвинувања дека со тоа, овие американски конзервативни политичари и медиуми, блиски до администрацијата на Трамп, изнесувале ставови кои „и одговараат на Русија“, се тврди дека „Русија ја поддржувала Владата на Груевски“, се посочуваат примери кога и руски медиуми изнесувале податоци за активностите на УСАИД и Сорос во Македонија, и општо се прават напори секоја критика на американската дипломатија да се прогласи за про-руска. OCCRP како организација добивала финансии и од УСАИД и од фондацијата на Сорос, поради што сведочењето на О’Нил го отвара прашањето дали на овој начин, УСАИД и мрежата на Сорос се обидувале да ги оцрнат своите критичари и да го прикријат своето мешање во македонските внатрешни политички прашања, распалувањето на политичката криза и споделувањето на обилни грантови од САД.

Неколку месеци претходно, во март 2017та година, текст со слични обвинувања се појави и во Политико, и тоа под наслов „Републиканци пренесуваат про-руски напад врз Сорос“. И во овој текст се посочени сенаторот Ли и конгресменот Смит, и повторно се игнорира американската улога во потпалувањето на Шарената револуција, но се вели дека „Русија се обидува да ја искористи кризата во Македонија“.

Текстот на Политико дури беше споделен на мрежата Твитер од страна на Дејвид Стивенсон, тогаш политички офицер во американската амбасада предводена од амбасадорот Џес Бејли, кој беше максимално вклучен во вршењето притисок врз македонската влада да ги прифати таканаречените пржински услови. Како службеник на амбасадата, Стивенсон практично сподели текст во кој се критикуваа избрани американски конгресмени, Мајк Ли, Крис Смит и други, за нивните наводни про-руски врски, во време кога тие отвораа легитимни критики за работата како на УСАИД така и на амбасадата.

Иако Политико е формално независен, комерцијален медиум, од првите одлуки на организацијата ДОГЕ на Илон Маск беше да раскине договори за претплата на услугите на Политико вредни 8 милиони долари кои ги плаќал УСАИД. Политико на владините институции во САД им нудел исклучително скапи претплати во кои наводно имало ексклузивни информации, и на тој начин медиумот си добил профитабилни договори за претплата со американската влада.


Во 2017та година, Херитиџ јавно побара од претседателот Доналд Трамп да го отповика амбасадорот Бејли поради брутално мешање во македонските внатрешни политички прашања. Сенаторот Ли, во настап токму во Фондацијата Херитиџ во април 2017та, зборуваше за активностите на УСАИД и Стејт Департментот и изјави дека „Македонија е вмешана во политичка криза предизвикана од надворешно мешање во нејзините внатрешни прашања и политички процеси, при што се продлабочија политичките поделби и се ризикува распалување на етнички тензии“.

Но, наместо да одговорат на овие критики од американските избрани претставници, раководителите на УСАИД очигледно се обиделе да ги напаѓаат критичарите преку медиуми кои ги финансираат, обвинувајќи сенатори и конгресмени дека „работат за Русија“.

Поврзани вести