
СОС Детско село и Мото клуб „Вепар“ по повод 15 Мај – Меѓународниот ден на семејството, организираа мото дефиле низ Скопје, испраќајќи порака за важноста на семејството во развојот на секое дете.
Под мотото „ Возиме со срце – бидејќи семејството е моторот кој нѐ движи“ дефилето, како што се наведува во соопштението на СОС Детско село, започна од Градскиот парк, со учество на повеќе од 100 моторџии и поддржувачи, кои направија кружна рута низ централното градско подрачје на Скопје, движејќи се по булеварите „Илинден“, „Св. Климент Охридски“ и „8 Септември“.
Со ова дефиле, учесниците ја потсетиле јавноста дека семејството не е само место каде што растеме, туку чувство на сигурност, грижа и припадност.

За децата и младите кои растат без родителска грижа, се додава во соопштението, поддршката од заедницата значи многу повеќе од симболичен гест. Таа е порака дека не се сами, дека некој ги гледа, ги слуша и верува во нивната иднина.
Семејството е првата сигурност на едно дете. Кога таа сигурност недостасува, наша заедничка одговорност е да создадеме средина во која децата и младите ќе почувствуваат дека припаѓаат, дека се важни и дека имаат поддршка да растат и да се развиваат. Во изминатите 25 години, СОС Детско село помогна да се променат 6090 животи на деца, млади и семејства кои добија нова шанса за посигурна иднина – велат од СОС Детско село.
Мото клуб „Вепар“ со своето учество покажа дека поддршката може да дојде во различни форми- преку присуство, солидарност и заедничка испратена порака, се додава во соопштението.

За нас ова дефиле не е само возење, туку начин да покажеме дека како заедница можеме да застанеме зад децата и младите на кои им е потребна поддршка. Секое дете заслужува да почувствува дека некој е тука за него. Мото дефилето е дел од активностите во јубилејната година на СОС Детско село, кое одбележува 25 години посветена работа и грижа за децата и младите без родителска грижа како и семејствата во социјален ризик. СОС Детско село продолжува да ја подигнува јавната свест за важноста на семејството, грижата и поддршката од заедницата, бидејќи „Ниту едно дете не треба да расте само – порачале од Мото клуб „Вепар“.

Македонски

