
Во пресрет на гласањето за извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, бугарските европратеници, поддржани и од грчки колеги, вложуваат напори да се изменат формулациите поврзани со македонскиот јазик и идентитет. Тие инсистираат на отстранување на овие термини од документот, тврдејќи дека такви дефиниции немаат место во извештај за напредок.
Европратеникот Андреј Ковачев од ГЕРБ изјави дека е изненаден од, како што рече, огромната финансиска и дипломатска енергија со која Скопје се обидува да внесе текстови кои не припаѓаат во извештај за европско членство.
Ние не сме Институт по историја или Академија на науките, за да признаваме или да не признаваме лингвистички јазици или идентитети – рече Ковачев.
Во Стразбур присуствуваше и Љупчо Георгиевски, претседател на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“, кој е условно осуден во Македонија. Ковачев тврдеше дека неговото присуство има за цел да ги информира европратениците за, како што тврди, судските репресии на кои се изложени македонските Бугари.
Бугарскиот европратеник Петар Волгин од партијата „Преродба“ ги обвини еврокомесарите и известувачот дека „си ги затвораат очите пред очигледните прекршувања од страна на Скопје“, со цел што побрзо внесување на земјата во ЕУ.
На овие тврдења реагираше словенечката европратеничка со македонско потекло, Ирена Јовева, која на македонски јазик им се обрати на бугарските колеги: За да постои македонскиот народ не му треба ваша дозвола, но на вас за да го признаете тоа ви треба чесност, интегритет, храброст!
Австрискиот европратеник Томас Вајц, известувач за земјава, потсети дека Македонија некогаш беше предводник во регионот, но нејзиниот пат кон ЕУ беше попречен од прашања поврзани со историјата и билатералните односи. Тој додаде дека добрососедските односи мора да се градат од двете страни.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, повтори (како расипана плоча) дека единствениот начин за отворање на пристапните преговори е усвојувањето на уставните измени.
На Предлог-извештајот се поднесени 28 амандмани. Меѓу нив се и оние на бугарскиот европратеник Ивајло Валчев, кој бара вметнување на зборот „современ“ пред „македонски јазик и идентитет“, како и вклучување на протоколите од Договорот за добрососедство во извештајот. Гласањето е закажано за денеска напладне.