
Живееме во време на глобални геополитички и економски предизвици. Периодот на закрепнување по КОВИД-пандемијата, инфлациските притисоци и енергетската криза оставија длабоки траги врз економиите низ светот, а нивното влијание не не одмина и нас. Како дел од регионалниот, европскиот и глобалниот пазар, македонското стопанство е изложено на овие турбуленции. Затоа, улогата на државата е клучна во создавањето соодветни претпоставки за брзо престројување, развој и системска поддршка на бизнисот. Искрено посакувам и очекувам, 2026 година да биде насочена кон создавање поповолна и поконкурентна бизнис-клима што ќе резултира со стабилен раст и подобар стандард за граѓаните, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска – Давкова пред врачувањето на признанието „Македонски квалитет“ за 2025 година што го доделува Сојузот на стопански комори (ССК) под нејзино покровителство.
Претседателката напомена дека наградите не се случаен подарок, туку логична последица на стратегиско размислување и системско вложување во креативен човечки капитал, во современи техники и технологии.
-Препознаваме, афирмираме и наградуваме вредности како стандард, квалитет, одговорност и посветеност. Наградите потврдуваат дека успехот е резултат на визија, истрајност, знаење и храброст. Компаниите што ги наградуваме ги персонифицираат зрелоста и потенцијалот на македонското стопанство да креира одржливи модели на раст, да генерира иновации и да одржува динамична, но стабилна бизнис клима, потенцира Сиљановска – Давкова.
Пред присутните се обрати и претседателот на ССК, Горан Ѓорѓиевски.
-Македонските признание за квалитет е симбол на високи стандарди, професионалност и визија за одржлив развој на нашето стопанство. Во современиот и силно конкурентен свет, квалитетот повеќе не е извор, туку е неопходност. Значи доверба кај потрошувачите, стабилност на компаниите и долгорочна конкурентност на националната економија, подвлече Ѓорѓиевски.
Признанија добија 11 компаниии.

Македонски






