
Кога и да дојдам на овој простор чувствувам некоја чудна младешка енергија. Вие бевте и за мене останувате бунтовници со причина, а јас на пати се обидувам да ве имитирам, глумејќи политичарка, која се уште има нешто бунтовно во себе и никогаш нема да го заборави најубавиот дел во животот, им порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на студентите во својот говор на првиот академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со кој почнува новата академска 2026/2027.
Сè уште верувам дека политиката може да се заузда со правото и дека на овој чуден свет му треба идеализам. Право, правда и етика – истакна Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека според неа најважното нешто за студентите е да вежбаат и да веруваат во силата на критичкиот ум.
Имаме тешка обврска кон светите Кирил и Методиј, да го продолжиме тоа што тие го започнале, бидејќи сигирно знаете од досегашното образование дека учителите многу често биле и станувале светци. Можеби затоа и ние, иако сме една мала држава, можеме да се пофалиме со умови – рече претседателката и потсети дека пред неколку дена, највисокото признание – 8 Септември и било доделено на светски познатата научничка Светлана Мојсов.
Таа нагласи дека развојот на вештачката интелигенција не треба да го потисне природниот ум.
Да не дозволиме вештачката интелигенција да го наруши природниот ум, зашто за да користите вештачка интелигенција, мора да имате природна интелигенција – рече претседателката. Сиљановска-Давкова која ги повика студентите активно да ги бараат своите права и да се стремат кон промени, нагласувајќи дека УКИМ треба да биде предводник во промените.(МИА)

Македонски


