Skip to main content

Седници на пет собраниски комисии

Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за европски прашања, за финансирање и буџет,  за економски прашања, труд и енергетска политика, за здравство и Законодавно-правната комисија.

Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2024 година е единствена точка на дневен ред на собраниската Комисија за европски прашања. 

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет треба да ги разгледаат Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за девизната инспекција и Предлог-законот за изменување на Законот за Народната банка на Република Македонија, сите по скратена постапка.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за санитарната и здравствената инспекција, по скратена постапка е единствена точка на дневен ред на Комисијата за здравство.

Членовите на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика ќе дискутираат за измените и дополнувањата на Законот за услуги, на Законот за трговија, на Законот за угостителската дејност, на Законот за заштита на конкуренцијата, на Законот за државен пазарен инспекторат, на Законот за инспекцијата на труд, сите по скратена постапка.

Законодавно-правната комисија ќе одржи две седници, 52-та и 53-та. На дневен ред на 53-та седница се Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за девизната инспекција и Предлог-законот за изменување на Законот за Народната банка на Република Македонија, сите по скратена постапка.

На дневен ред на 52-та седница се 11 точки, меѓу кои и Предлог-закон за изменување на Законот за туристичката дејност, Предлог-законот за изменување на Законот за градежните производи, Предлог-законот за изменување на Законот за Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, сите по скратена постапка.