
Потпретседателката на СДСМ) Ана Чупеска денеска на прес-конференција обвини дека власта покажува отсуство на свест за неопходноста од итно спроведување на реформската агенда, особено кога станува збор за судски реформи, што директно ја компромитирало европска перспектива на земјата. Главна замерка упати до Министерството за правда, за кое рече дека како клучен ресор за судски реформи, одбива соработка, игнорира експертиза и системски ја поткопува правната држава.
Според неа, сведочат на отсуство на соработка со владините институции, особено со Министерството за правда, што додаде дека е злонамерна опструкција во однос на пакетот реформски закони.
„Работната група, која ја предводев по овластување од претседателот Филипче, исклучително и посветено работеше на законите. Но, ние се соочивме со перманентна нереспонзивност од Министерството за правда. Замислете, бевме упатени сами да ги обезбедуваме нацрт-законите од ЕНЕР, бидејќи Министерството одбиваше директна и суштинска соработка, односно размена на предлозите за кои постојано тврди дека ги разработува. Се прашуваме, дали воопшто постојат такви работни материјали“, кажа Чупеска.
Чупеска вели дека СДСМ имаат суштински и многу сериозни забелешки за неколку законски решенија.
„На пример, Законот за Судскиот совет открива поразителна слика, затоа што од препораките на оценската мисијата, на пример, осум остануваат неадресирани, а три се само делумно имплементирани. Законот за Судски совет, ваков како што е ставен на ЕНЕР создава правен хаос, бидејќи текстот е полуготов, но, и целосно неусогласен со други релевантни закони. Со други зборови, ова решение што го ставиле на ЕНЕР, не е решение, туку е проблем, бидејќи изобилува со конфузија, како околу изборот на членови на Советот, така и околу низа други секвенци“, рече потпретседателката на СДСМ.
Министерството за правда реагираше:
СДСМ продолжува по патот на деструкција и креирање дезинформации на штета на граѓаните на Република Македонија. Очекувавме поконструкти вен пристап, не заради нас, туку во интерес на доброто на државата. Но, досега, освен саботажа на дневнополитичка основа, ништо друго не видовме. Се надевам дека ќе успеат да се надминат себеси и, во интерес на граѓаните, ќе се обидат да бидат покооперативни во иднина. Ние, како Министерство за правда, остануваме посветени на реформите – не во интерес на поединци или тесни групи, туку затоа што тоа им го должиме на граѓаните. Се надевам дека еден ден и СДСМ ќе успее да го види тоа. Но, самиот факт дека „предводникот“ на работната група на СДСМ за реформи во правосудството е политиколог, а не правник, неспорно укажува дека станува збор за чисто политички забелешки и празна демагогија, а не за правно издржани ставови. Работата на Министерството, какоw и досега, останува отворена и транспарентна за сите.
Понатаму од Правда коментираат се работи за дневно политиканство и празна фразеологија.
Токму критиките упатени кон Законот за Судскиот совет укажуваат на чисто дневно политиканство и празна фразеологија во дадената изјава. Законот е резултат на темелна анализа и повеќемесечна стручна работа, земајќи ги предвид препораките од оценската мисија, коментарите од Венецијанската комисија, сè со цел да се обезбеди независност на судството и заштита на правната држава.
Во текот на работата, изминатите месеци беа разгледани бројни коментари од политичките партии, вклучувајќи ги и тие на СДСМ – иако беа доставени крајно задоцнето – како и коментари од заинтересирани граѓани и бројни правни експерти. Никој нема да дозволи политички договори и мешање во судските институции.
Во однос на критиките за Законот за јавното обвинителство, укажуваме дека во текстот објавен на ЕНЕР имплементирани се сите препораки од реформската агенда. Дополнително, Законот, заедно со Законот за Советот на јавните обвинители, ќе биде доставен на мислење до Венецијанската комисија пред нивното финализирање и процесуирање во Владина постапка.
Го повикуваме СДСМ да престане со саботажите и да застане на страната на државните интереси, а не на партиските пресметки. Судството не смее да биде полигон за политички пазарења, туку независна гранка на власт која ќе обезбедува правда за сите граѓани.
Тврдењата дека одбиваме соработка се лага, а обидите за блокада на реформите се обиди на СДСМ да го спречат напредокот поради сопствени партиски интереси.