Skip to main content

Проблематично е кога некој верува дека пречките може да се надминат со уставни измени, вели Сиљановска-Давкова

И другите имале пречка и ја надминале, но кога вие нон-стоп се соочувате со пречки и кога некој верува дека пречките може да се надминат со уставни измени, а Уставот е најинтерниот акт на една држава, закон над законите, општествена повелба – тогаш тоа е проблематично. Се разбира јас, како и досега, само ги цитирам темелните вредности и принципи од конститутивните акти на ЕУ и прашувам дали важат за нас, изјави претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.

Во врска со поставениот услов од Бугарија за уставни измени за да почнат преговорите со ЕУ за членство, претседателката вечерва  во интервју во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма рече дека кај нас постои „оправдан страв дали навистина тоа ќе бидат последни уставни измени или, пак, ние ќе се соочиме со нови и нови барања“.

Оти кога имате комисии од таков тип,  во кои седат политизирани историчари, може да се најдат многу прашања за кои не може да има согласност и тоа да биде извор на ново вето, рече Сиљановска-Давкова.

Прашана за денешната средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и за неговиот став во врска со наметнатиот спор, таа посочи дека тој веќе се имал сретнато со бугарскиот претседател Румен Радев, а првпат се сретнал со новиот премиер Росен Желјазков за кого „смета дека е креативен човек кој сака да трага по решенија“.

Рече дека на Кошта „правнички му го објаснила нејзиното видување и  нашиот предлог за уставни измени со одложено дејство кој овде беше жестоко критикуван“.

Вели дека е извонредно конципиран, но дека не го прифаќа Бугарија. Се обидел да го презентира, значи – неприфатен. Заради консензусот, иако многу членки кои го разбираат, не може да помине. Мислам дека г. Кошта и тимот околу него, како и многу членки, особено од Вишеградската група, како Полска и Словачка, постојано ќе трагаат по механизми и јас затоа ги поттикнувам на креативни решенија – како да се оневозможи овој наш маратон. Бидејќи 20 години маратон не се слави. И кога слушам „тажна приказна“, не ја напишавме ние. Некој друг е авторот на  тажната приказна, рече претседателката.

Во врска со работата на историската комисија, нагласи дека „нема решение ако не се усогласиме околу прашањата, ниту, пак, може да се затвори приказната“ и притоа додаде дека „динамиката не е француско-германска или полско-германска за ние да разговараме“.

Не се тоа разговори како оние другите, туку тоа се разговори за кои мора да се постигне согласност. Изедначени се силите и нема да има, ама тогаш ќе има и статус-кво и ние ќе си летаме во место. Ние мораме да се усогласиме. Ако не се усогласиме, нема да има крај на оваа приказна и ние не можеме, и покрај кластерите, да речеме дека ги поминавме од копенхагенските критериуми, бидејќи ова е извор на можни блокади. Или ќе постигнеме да се договориме дека се заеднички Гоце Делчев или не знам кој, дека немало фашизам итн., или нема крај на таа приказна. Тоа е атипично и сите го гледаат … Мислам дека министерот за надворешни работи си ги пречекорил овластувањата. Како тој потпишал дека нешто ќе влезе во Рамка, а Рамката ќе биде услов којшто треба да се исполни за да можеме ние да завршиме со кластерите и за да може да дојде до ратификација, рече Сиљановска-Давкова.

Во однос на барањето за внесување на Бугарите во нашиот Устав, таа кажа дека „не можеме од Преамбулата да правиме телефонски именик и сѐ да броиме“, посочувајќи ја за пример Словенија каде не се споменати сите етникуми туку ги има во „други“. Она што е најважно за малцинските права, рече Сиљановска-Давкова, не е дали малцинствата се наброени во Преамбулата, туку дека во нормативниот текст има член што ги гарантира правата на сите.

 Во бугарскиот устав нема ниту едно зборче за гарантирање на малцинските права, додаде претседателката на државата во интервјуто по повод една година од стапувањето на функцијата.

Поврзани вести