
Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска беше во посета на општина Неготино во рамки на теренските посети под мотото „Каде што срцето е дома“. Како што појасни самиот, почнале од Неготино, а во план е да се продолжи во Валандово.
Разговаравме со градоначалничката и можам да кажам дека сум презадоволен од тоа што го слушнав од нејзина страна, затоа што сум уверен дека оваа општина има еден континуитет на раст и развој и во периодот што ќе следи, ќе продолжат во таа насока да одговараат согласно потребите на граѓаните. Тоа што за нас е важно, како претставници од централното ниво на власт, е да наоѓаме модалитети на кој било основ да им пружиме помош и поддршка на локалните самоуправи. И ако нешто е одлика за оваа влада, тоа е помошта и поддршката насочени кон локалните самоуправи – подвлече Перински во изјава за медиуми.
Веднаш по транзицијата на власт, како што нагласи министерот, оваа влада издвои 20 милијарди денари насочени кон интервентна финансиска помош и поддршка за реализација на и подобрување на капиталната инфраструктура.
Сега во делот на зголемување на финансиската независност на општините, работиме за потенцијално ажурирање на базите на даночни обврзници за да им дадеме една поголема финансиска независност на општините. Третиот столб на што сме главно фокусирани е во делот на обезбедување на експертиза, експертска помош во делот на пренос на знаење за да им се помогне на општините да можат посовесно да ги извршуваат своите изворни надлежности. Мислам дека сите работи што досега се направени и сите работи што во иднина ќе се направат, во многу ќе ја сменат сликата на територијата на Македонија во делот на функционирање на локалните самоуправи. И јас сум убеден дека заедно во соработка помеѓу централната и локалната власт, Македонија ќе стане едно многу посоодветно и поубаво место за живеење – нагласи министерот.
Задоволство од денешниот настан изрази и неготинската градоначалничка Марија Нацева.
Разговаравме за актуелни теми во делот на работењето на локалната самоуправа, ги изнесовме сите оние проекти што се реализирани, што допрва ќе се реализираат. Остваривме средба и со Советот на Општина Неготино, како и со дел од администрацијата. Извршивме промоција на сите оние активности што се предвидени да се реализираат – рече градоначалничката.
Меѓу другото, Нацева најави адаптирање на медицински соби во јавната здравствена установа во општината, што ќе бидат наменети за давање медицинска помош на лица со попреченост и лица со деменција, набавка на ново возило за брза помош, реквизити наменети за да им се овозможи подобар живот на лицата опфатени во проектот.

Македонски



