Покривање загуби на општините сметам дека е сосема погрешен пристап, кој всушност поттикнува непродуктивност, мерка што ја практикуваше претходната Влада. Оваа Влада, смета дека таквиот модел не е соодветен. Иако е точно дека општините се соочуваат со ограничени буџети, тоа не е оправдување за нивните негативни финансиски резултати, вели во интервју за „Локално“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински запрашан дали унгарскиот кредит навистина ќе помогне или е само решение за општинските долгови.
Понатаму додава:
Ние одлучивме да помогнеме на општините, но не преку покривање на долговите, туку преку финансирање на проекти кои ќе создадат додадена вредност за нив. На тој начин, не само што ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните, туку и ќе се поттикне економската активност. Пример, една новоасфалтирана улица во некоја општина може да поттикне нови приватни инвестиции, што ќе има директен и индиректен ефект на развојот на економијата.
Oпштините се како „бунар без дно“, но дали постои ли солуција за локалната самоуправа да стане самоодржлива на долг рок? Перински смета дека постојат повеќе примери во државата каде со добро менаџирање тие се самоодржливи.
-Со посветена работа, успешно менаџирање и пред се со соодветно планирање на буџетот, уверен сум дека локалните самоуправи можат да бидат самоодржливи. Впрочем, постојат повеќе такви примери на општини низ државава.
Првото и најголемо невнимание во општините кои генерираат загуби е поврзано со планирањето на приходите и расходите. Тие планираат да остварат 100% наплата на комуналните такси и даноците на имот, но во реалноста во целост тоа не се остварува и оттаму е главната причина од каде потоа им потекнуваат финансиските проблеми.
Расходната страна ја реализираат во целост, а на приходната страна, особено во делот од приходи од сопствени извори на финансирање, заостануваат со што се создава тој гап и се генерира негативен финансиски резултат – вели Перински.
Според него, комунален надзор по општините треба да се регулира со Законот за комунални дејности, кој ја опишува целата материја, а со планираните измени на Законот за локална самоуправа, како обврска во иднина градоначалниците ќе мора да ја спроведуваат, односно комуналните редари ќе бидат обврска на градоначалниците.
-Нашата интенција и очекувања се дека изменетата подобрена рамка ќе биде подготвена и применлива пред претстојните локални избори. Од досегашната неформална комуникација со директните и индиректните чинители во системот за локална самоуправа, но и од веќе започнатиот процес на отворени јавни дебати за измените на Законот, можам да кажам дека генерално имаме унисон став и поддршка за планираните измени, истакнува министерот.
Одговарајќи на прашањето во каква состојба ја наследил функцијата министер за локална самоуправа и дали се покренати ревизии во рамките на процесите на Министерството, вели:
-Министерството за локална самоуправа, иако релативно мало по големина, има сериозни одговорности кои се клучни за развојот на секоја општина, а со тоа и на државата. За жал, низ годините, било недоволно екипирано и со недостиг на соодветен кадар, што рефлектирало со недостаток на конкретни активности и стратегии во насока на подобрување на функционалноста на локалната самоуправа и регионалниот развој.
Во овој контекст, се доекипиравме, направивме стратегија за задачите со фокус на конкретни резултати кои ќе имаат директен позитивен ефект врз локалниот и регионалниот развој. Сметам дека сме на добар пат, за што показател се низата мерки и активности кои ги презедовме во изминативе шест месеци со кои го подобривме квалитетот на секојдневието на граѓаните.