
На 15 јули 1882, во Кратово е роден Павел Шатев – македонски национален револуционер, анархист, „гемиџија“, интелектуалец, идеолог на ВМРО-Обединета, партизан, политичар, државник.
Уште во младоста, како ученик во Солун, се запознава и се поврзува со Пере Тошев и другите водачи на ВМРО. Со групата „Гемиџии“, во тнр. Солунски атентати, 1903 година, Шатев го запалил францускиот параброд „Гвадалкивир“. Уапсен е и осуден на доживотен затвор, по што е испратен во областа Фезан, поточно во градот Мурзук во јужна Либија. Но, по општата амнестија од султанот во 1908 година, и Шатев е ослободен, заедно со другите затвореници.
Шатев е еден од основачите на ВМРО-Обединета во 1925 година. Следното десетлетие се враќа во Бугарија и работи како адвокат, а се оддава и на публицистика. Во 1942 година во Софија е осуден на смрт, па потоа пресудата е преиначена на 15 години затвор. По падот на наци-фашистичкиот режим на 9 септември 1944, е амнестиран.
Учествува во АСНОМ. Во првата македонска Влада (1945) е избран за министер на правосудство, а потоа, во мај 1946. – за потпретседател на Президиумот на АСНОМ.
Во 1949 година, по Резолуцијата на Инфорбирото, југословенските власти го апсат Шатев „како потенцијален непријател на државата“ и тој е отстранет од јавниот живот. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, а потоа е испратен во Битола, во еден вид домашен притвор, каде што останува до својата смрт, на 30 јануари 1951 година.

Осудените од групата „Гемиџии“ се однесени во оазата Мурзук во Сахара. Павел Шатев бил еден од нив и оставил свои „Спомени“ каде што говори токму за тоа свое патешествие. Да проследиме дел од тие сеќавања.
„Во Мурзук најлошо време во годината е месецот февруари. Во текот на тој месец воздухот е многу променлив, и температурата постојано се зголемува и опаѓа. Термометрот и барометрот постојано се натпреваруваат – кој да покаже поголема разлика. Во тоа време имаше најмногу болни, како во градот така и во затворот. Во февруари и март воздухот значително се стоплува, одеднаш почнуваат да дуваат северни и северозападно ветрови, воздухот се исполнува со дробна песок, што изгледа како чад. Температурата на воздухот опаѓа, на сите лицата ни побледнуваат, започнуваат протегања, проѕевања, и секој грижливо си го суредува леглото“, раскажува Шатев.
На 7 февруари 1908., Марко Бошнаков, родум од град Охрид – се разболел од мочуришна треска. Тоа се случувало само неколку месеци пред „Хуриетот“ и општата амнестија за затворениците од Фезан.
„По седумдневно боледување, болеста се усложни, и поради срцев удар на 14 февруари изутрината, и тој (Бошнаков, н.з.) се пресели во вечноста. Покојниот беше на возраст од 30 години, со средно образование, кроток, добар и скромен човек. Неговиот добар карактер, неговата дружељубивост и некористољубие беа својствата, коишто го одликуваа. Исто онака, како што ги поднесе спокојно и ладнокрвно сите маки, сите угнетувања, сите ограничувања и неволји, исто така тивко и ладнокрвно ја пречека и смртта. За него таа беше вечно успокојувачки сон, подолги физички и морални измачувања, што ги претрга во текот на петгодишното затвореништво во солунскиот централен затвор и во Фезан. Погребот се изврши уште истиот ден попладне“, се присетува Шатев.
Пред смртта, Бошнaков на своите другари – Шатев и Ѓорѓи Богданов, им оставил аманет: „Ако телото се тркала, не дозволувајте го истото и со главата“. Така, единствените двајца преживеани „гемиџии“ го исполниле аманетот на Бошнаков – му ја отсекле главата и во ковчеже ја донеле во Охрид.

„Во текот на тие неколку месеци, повеќето од нас бевме болни. Воениот командант беше во судир со управникот, и кога разбра дека повеќето од нас сме болни, ни забрани да одиме во воената болница и во аптеката. Останавме без никаква медицинска помош, но провидението нѐ вардеше. Повеќето од болните оздравеа. Нашиот другар Иван Илиев, родум од с. Савик (Демир-хисарско) едно 8 – 9 месеци боледуваше од некаква лоша рана. Оставен на милост и немилост во тие шест месеци, не го напушти леглото. Раната сосем му се влоши, го фрлија во една нечиста темна одаја, каде беше уште на животта закопан в гроб. На 13 март го погребавме и него“, додава Шатев.
Дошла и пролетта, а потоа и летото…
„Сите им се радувавме на пролетните оживувачки сончеви зраци, што во таа жешка земја помагаат побрзо да буи сета растителност, ги поминавме и велигденските празници, во постојано исчекување, како и секогаш, на некоја утешна вест од нашата татковина. Помина и народниот празник Св. Кирил и Методиј, а ние, и наспроти сите непогодности, мачнотии и потиснувања, уште повеќе ги крепевме своите надежи. Колку повеќе нашите непријатели се трудеа да нѐ натераат да изумреме, толку повеќе ние ја закрепнувавме во себеси својата верба. Настапија жештините. Во тоа време мутесерифот посака да се премести затворот. Меѓутоа, како што споменав и погоре, немаше погодна зграда. Решија градската житница, што беше во воената фурна и самата владина зграда, да ја приспособат за затвор. Од март до јуни ние во групи излегувавме, изутрина и навечер од затворот, одевме кај воената фурна, да ги уриваме голите ѕидишта, што стрчеа, од кои сакавме да прибереме материјал за новите ѕидишта, што требаше сами да ги направиме, за да ја заградиме житницата – идниот затвор. Во текот на неколку месеци работевме секојдневно се додека се доврши градбата – на 15 јуни. Ѕидовите од своето ново живеалиште ги правевме без никакви прирачни средства, без мотики, без лопати, без дрва, само со раце, земја и камења. Калта ја месевме со раце и нозе. Ѕидовите ги уривавме само со еден чекан, вода носевме пак само со раца. Си ја испокинавме облеката, си ги исповалкавме кошулите. И лицата ни изгореа од жешкото Сонце, со еден збор – видовме многу големи физички маки. Секој еден од нас требаше да работи надвор од затворот најмалу 3 – 4 часа во денот. Потем требаше да го требиме житото, да го мелеме, да месиме леб, да го печеме, а сето тоа бараше време и отпочинување. Ние немавме такво време. Но немаше што да правиме – стражарите постојано нѐ нагледуваа и вршеа свое потиснување. Ако некој се спротивставеше, поради некаква причина, да излезе, најбрутално го извлечкуваа од одајата, и го тераа да прави кал или пак со зембили (кошници од палмини лисја) да влечка камења, или да носи вода од бунарот кај џамијата“, се додава.
За македонските „Гемиџии“, таа работа и робија, можела да се сретне само во Фезан, и никаде другаде.
„Ако се работеше за тоа, да изѕидаме куќи, да градиме згради или каква и да е друга физичка работа, ние ќе тратевме само сила на мускулите, извесно време ќе се чувствувавме физички како мажи, а потем со тек на времето можеби и сe ќе заборавевме. Тука работата беше поинаква. Ние градевме затвор, во којшто самите ние требаше да живееме, каде требаше да ги минеме последните денови од својот живот, и каде и по нас – така претпоствувавме, требаше да живеат и други!“, нагласува Шатев.
Во мај истата судбоносна 1908 година, паднал болен уште еден „гемиџија“ – Милан Арсов, родум од с. Ораовец, Велешко.
„Тој одамна страдаше од хронична ангина, беше прилично снеможен. А, откако настапија жештините, и сосем опадна и веќе не стана од леглото. Тој беше млад човек, на 24 години, со висок стас, бело сувкасто лице, црни очи и уште поцрни коси, такви беа неговите белези. Тоа момче со силна волја, смел и донемајкаде нервозен, и во последните мигови го запази духот, и разговараше со нас како човек што сака да се забавува, а не да бара утеха и олеснување. Ни ги стегна рацете на секој од нас во одајата, се прости со нас, и почина. Со својата смрт тој нѐ зачуди сите. Ние останавме толку трогнати од наближувањето на неговиот смртен час, така што солзи почнаа да ни течат од очите. Не можевме да си ги запреме солзите ни дури откако почина. Тој во својата претпоследна минутка, пред да си ги затвори очите, ги виде како течат нашите солзи. Тоа беше миг каков ретко испитуваат и можат да поднесат сите луѓе, на кои им дошла умирачката“, вели Шатев.

На 8 јуни песокта го покрила и Арсов…
„Го загубивме засекогаш. Ние останавме сами. Ни останаа само жешките солзи, што ги пролеавме, и безмерна тага. Солзите и тагата ќе исчезнат, како што ќе исчезнат убавите спомени за починатиот маченик. Гробот беше скромен, немаше восхвални и полни со чувства речи, туку само молчелив плач, и тажни думи“, продолжува записот.
Среде 1908 година, условите за живот биле скоро неподносливи.
„Секојдневно вратите од одаите ни ги затвораа по 8 – 10 часа, жештините се засилија, а ние – со исклучок на оние што работеа надвор, преку сиот ден се залевавме во пот. Никаква ладовинка, никаква решетка. Не ни остануваше време дури ни да си зготвиме јадење, да се нахраниме. Во текот на шест месеци не добивме никакво писмо од дома и од пријателите. Писмата ни ги запираа во Триполи. Му се поплакавме на мутесерифот, а тој ни рече: ‘Што се однесува до писмата, од мене не зависи ништо, туку пак ќе ги запрашам надлежните во Триполи’. Преку мутесерифот испративме неколку телеграми до валијата, со коишто го молевме да ни се испратат писмата“, се наведува.
На последната телеграма, валијата Реџеп-паша одговорил со заповед да биде прочитана на глас пред сите. Валијата рекол: „Писмата, што доаѓаат од тукашната поштенска станица, се испраќаат на преглед во Цариград.”

„По таа телеграма не ни остана ништо друго, освен да чекаме. Поминаа уште два месеца, ние пак не добивме никакво писмо. Пак испративме долга телеграма до валијата, во којашто истакнавме дека уште не сме добиле никакво писмо, и покрај тоа што времето потребно за да отидат и да се вратат писмата од Цариград веќе помина. Реџеп-паша ни одговори со исто онаква телеграма, како поранешната.
„Чекавме уште две – три недели, и по воскреснувањето на заспаниот турски Устав, се јавија и писмата. Последниве не беа дури ни отворени. Откако ги прочитавме, се уверивме дека мноштво други писма биле уништени – беше очигледно дека тие не ни стасале до мувлосаните чанти на полициските одделенија во Цариград, туку бездруго дремеле во некој шкаф на телеграфско-поштенското биро (полициско одделение) на Триполи. Се прогласи Уставот, и писмата излегоа. Блажено време! Колку брзо понекогаш во Турција се пројавуваат резултатите од некои работи… Што ќе беше ако сите работи врвеа толку брзо“, го завршува Шатев своето поглавје.
Тука тој раскажува за „Хуриетот“ (Младотурската револуција) и привремената промена на состојбите во Отоманска Турција. Искористувајќи ја промената на режимот, Шатев истата година излегол од затвор.
По 15 години од овие настани, во 1923. Павел Шатев пишува за подвигот на Солунските атентатори во весникот „Илинден“. Тука читаме:
„Нарушуваме еден завет на великите македонски покојници во Солун и Сахара. Тие се беа заколнале да не оставаат свои портрети, затоа што сакаа да бидат служители на идејата, но не и на славата. Таму, во рушевините на македонската столица Солун, Гемиџиите сакаа да го збришат и своето месо и своите имиња, оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни.
Но, историјата не помни завети… Од мигот кога Орце го запали фитиљот, којшто требаше во лицето на Отоманската банка да го фрли во воздух европскиот капитал, што ги красеше градите на деспотот Хамид – од тој момент имињата на тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, на македонската посветеност, одекнаа во сите потајни катчиња на македонската душа, за да по 20 години станат првите светци на македонската револуција… Не само зашто македонскиот идеал, во лицето на солунските атентатори, беше достигнал врвна кулминација, каква што ретко, дури и никако не се сретнува во историјата, но и затоа што на 28 април 1903 година во македонската столица Солун се бореа два револуциони система: оној на рускиот анархизам, зачнат на македонска почва, којшто имаше за цел да го помати и разруши европскиот капитализам и Хамидовиот деспотизам.“