
Општата болница со проширена дејност – Кочани, во соработка со Клиниката за психијатрија, формира тим од психијатри и психолози за обезбедување психолошка и психијатриска поддршка на семејствата и блиските на настраданите. Оваа услуга ќе биде достапна 24 часа на ден, седум дена во неделата, почнувајќи од утре.
Според соопштението од болницата, прегледите ќе се вршат во Центарот за ментално здравје, кој се наоѓа во кругот на болницата, веднаш до зградата за вакцинација, секој ден од 08:00 до 16:00 часот. По 16:00 часот, поддршката ќе продолжи да се обезбедува на одделението за невропсихијатрија во истата установа.
Надлежните повикуваат сите на кои им е потребна помош да ја искористат оваа услуга, со цел полесно да се справат со трагедијата и психолошките последици од настанот.