
Во Македонија моментално ги реализираме најкрупните капитални проекти во изградба на патната и железничката инфраструктура на главните транспортни коридори 8 и 10. Имаме визија преку развој на инфраструктурата да придонесеме за регионален развој, за економска стабилизација и брз и сигурен транспорт кон Централна и Југоисточна Европа, истакна денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на панел дискусијата на Економскиот форум во Виена.
Презентирајќи ги капиталните проекти, тој потенцираше дека во државава се работи на изградба на нови автопати на Коридор 8, на граничните премини како и на модернизација на автопатскиот Коридор 10. Николоски исто така истакна дека предизвик е развојот на железничката мрежа преку изградба на брзата пруга на Коридор 10, која ќе има силно влијание врз меѓународниот транспорт. Зборуваше и за железничкото поврзување со Бугарија на Коридор 8, на кој со почнатите активности се надева дека до 2031 година ќе имаме редовна линија од Скопје преку Софија до Бургас. Ги претстави и плановите за железничко поврзување со Албанија.

Николоски кажа дека актуелната Влада по изборот во јуни минатата година усвои мошне амбициозна инвестициска агенда и започна со развивање на коридорите 8 и 10, користејќи ја поволната географска локација иако нема излез на море. – Имаме среќа што еден од европските коридори минува источно од нашиот главен град Скопје, Коридор 10, најдолгиот пан-европски коридор кој започнува во Атина, во пристаништето Переа и завршува во Финска, значи, целиот северо-западен европски коридор, а вториот е коридор 8, кој ги поврзува Јонското и Јадранското Море со Црното Море, тоа е источно-западниот коридор на Југоисточна Европа. Ова е огромна можност за нас која сакаме да ја искористиме и започнавме мошне амбициозно со развивањето на овие коридори, рече Николоски.
Тој укажа дека состојбата на автопатскиот дел од Коридорот 10 од границата со Србија до границата со Грција е добра за разлика од Коридорот 8 каде рече дека не е така и е почнато негово развивање и оти покрај изградените се градат автопати од границата со Албанија до границата со Бугарија. Се работи и на реконструкција и надградба на граничните премини за да се намали времето на чекање на граничните премини.
– Вкупната инвестиција во автопати и експресни патишта на Коридор 8 ќе биде околу 1,5 милијарди евра, што за нашата економија, е навистина нешто огромно и нешто што е значајно. Го развиваме и Коридорот 10д – коридорот кој го крати растојанието меѓу Атина и Скопје. Ако во моментов се патува осум до осум и пол часа, со ова ќе се скрати на пет до пет и пол часа. Од наша страна го градиме најголемиот автопат што е некогаш изграден во државата, околу 55 километри, а од другата страна градат и Грците и тоа е делот кој недостига од сложувалката, па се надевам дека кога од Виена ќе патувате кон Атина ќе скратите барем три часа со она што го градиме сега, рече Николоски.
Железницата, посочи, за нас е огромен предизвик, но истовремено и огромна шанса.
– Имаме визија за која мошне гласно зборував кога бевме во опозиција. Се сеќавам дека кога во 2022 Пријатели на Европа ме избраа за највијателни личности под 40 години, а сега за жал над 40, зборував за ова и тоа беше сосема нова приказна за најголем дел од европските метрополи, вклучително и Виена. Со развивање на железничкиот Коридор 10, брзата железница, може да го скратиме времето за снабдување за Европа од 21 до 24 дена, наведе Николоски.
Единствената причина поради која северните пристаништа се користат во толкава мера, појасни, е затоа што имаат добра инфраструктура до централна Европа. Но, ако успееме да создадеме добра инфраструктура на железницата на Коридор 10, бидејќи тоа е најевтиниот и најбрз начин за транспортирање на стоки, додаде министерот, тогаш тоа време може да се скрати на 21 до 22 дена. Тој рече поголемите пловила да се застануваат во Атина и да дојдат во Виена, а помалите во Солун и да пристигнат тука.
– Имаме амбициозна програма за изградба на брза железница, патничките возови ќе возат со 250 кимолетри на час, но она што е важно се товарните возови кои ќе возат 140 километри на час, со најдолгите можни возови кои возат низ Европа во моментов, 750 метри долги возови. Веќе има брза железница меѓу Атина и Солун, меѓу Белград и Будимпешта, ќе биде во функција од напролет, Будимпешта-Виена е горе-долу добра инфраструктура и она што ни недостига се Белград-Ниш-Скопје-Солун. Веќе имаме договор со нашите грчки пријатели, се сретнав со вицепремиерот на Грција пред еден месец, тие ќе го изградат делот кај нив што недостига, од Солун до нашата граница, а ние започнуваме на пролет следната година со изградба на нашиот проект. Тоа ќе биде најголемиот проект во Југоисточна Европа, иако ние сме една од најмалите држави во тој регион. Инвестицијата ќе биде околу 2 милијарди евра, рече Николоски.
Тој посочи дека за реализацијата на стратешките проекти на транспортните коридори, државава ја ја избра Европа за партнер во реализацијата.
Бидејќи не сме членки на ЕУ, укажа вицепремиерот, имавме две алтернативи: „Да потпишеме со Кинезите, не е тајна дека тие дојдоа уште на првиот ден кога започнавме како Влада, понудија заем без камата, ако градиме со нив. Но ние мислевме дека од витално значење за Европа, бидејќи коридорите, особено железничките, користат мошне иновативна сигнализација што може да се искористи и за други работи, покрај железницата, решивме да потпишеме договор за стратешко партнерство со Велика Британија“.
– Имаме 5 милијарди фунти, 6 милиони евра на располагање, од кои 2 ќе ги искористиме за овој проект, со добри услови, за жал не можам да ги споделам условите сега, бидејќи се’ уште се доверливи, но кога ќе се откријат, мислам сите ќе се согласат дека се поволни. Очекуваме да почнеме следната година и да завршиме во 2031, бидејќи се работи за двојна пруга, првата, товарната што ќе заврши во 2028 година. Очекуваме само од коридор 10 во правата година откако ќе биде завршена железницата, да имаме приход од користењето на железницата од околу 120 милиони евра, само за транзит. Тековниот приход е 12 милиони, само за споредба, а потоа и ќе се зголемува, па може да замислите каков процут ќе биде тоа за економијата за Австрија, за Унгарија, бидејќи тоа се копнените пристаништа од каде што се движат стоките кон остатокот на Европа, рече Николоски.
Тој истакна дека на Коридор 8 како мошне важен за безбедноста и за политиката се гради и железничкиот дел, потсетувајќи дека минатата недела со Бугарија беше потпишан Договор за изградба на меѓуграничниот железнички тунел.

– Очекувам добар напредок. Имаме три делници за спојување на главниот град со границата со Бугарија. Првата е веќе во функција, од јануари годинава, втората ќе биде готова во октомври следната година, а третата, соработуваме со Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој и се надевам дека со промените нема да ни треба многу време, бидејќи дадов политичко ветување дека ќе го објавам тендерот во декември, но зависи колку ќе трае истражувањето на пазарот. Се надевам нема да биде три месеци и дека ќе може да го објавиме повикот во декември, па ќе можам да ве поканам на пролет за церемонијата на поставување камен темелник на третата делница од автопатот што треба да не’ поврзе со Бугарија, посочи Николоски.
Од наша страна, како што наведе, веќе инвестираме околу 800 милиони евра, Бугарите инвестираат 1,2 милијарди евра, односно вкупно ќе потрошиме околу 2 милијарди евра заедно да ги поврземе Скопје и Софија – нешто што е сон на многу генерации, нешто за што сме учеле во основно, во средно училиште.
Николоски се надева дека во инвестицискиот циклус ќе се приклучи и Албанија за да има смисла поврзувањето.
– Следниот предизвик е да го развиеме западното крило од железницата и истото да го направи и Албанија, па се надеваме дека до 2031 година прво ќе имаме редовна линија од Скопје преку Софија до Бургас, а потоа зависно од брзината на нашите албански пријатели, да го поврземе и Јонското Море, рече Николоски.

Македонски








