
Наставниците од средните училишта во државата до 12 септември можат да се пријават за напредна обука за примена на вештачката интелигенција во наставата, соопшти денеска Министерството за образование и наука.
Обуката „AI во училница“ е наменета за наставници со основно познавање на дигитални алатки и активно владеење на англискиот јазик, и има за цел да им помогне да ја интегрираат вештачката интелигенција во сите фази на наставниот процес, од подготовка на часови до оценување.
-Обуката е организирана во соработка со групацијата Brainster, а пријавувањето е отворено до 12 септември. По завршувањето на пријавите, ќе следи селекција и тестирање на кандидатите, а обуката ќе започне на 1 октомври, се наведува во соопштението
Наставниците што ќе ја поминат обуката ќе добијат бесплатен пристап до осум различни курсеви месечно со најсовремена и практична содржина, како и можност за стекнување на осум дигитални сертификати месечно дополнети со печатен сертификат за успешно завршување на целата програма. Предавачи ќе им бидат инструктори со меѓународно искуство, а Brainster Next факултетот ќе формира менторска група што ќе обезбеди индивидуализирана поддршка за наставниците.