
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска имаше средба со неризедентната амбасадорка на Кралството Данска во Република Македонија со седиште во Белград, Пернил Далер Кардел. Акцентот на разговорот беше ставен врз напредокот на Македонија во процесот на интеграција во Европската Унија, како и на регионалните перспективи за проширување.
Министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната поддршка на Данска за евроинтегративниот процес на Македонија и на регионот. Министерот и Амбасадорката го потенцираа значењето на исполнувањето на Копенхашките критериуми како клучен предуслов за успешна интеграција во Унијата. Соговорниците констатираа дека Копенхашките критериуми, кои опфаќаат стабилни институции што гарантираат демократија, владеење на правото, почитување на човековите права и функционирање на пазарната економија, претставуваат суштинска основа за нашите реформски процеси и напредокот кон полноправното членство во ЕУ.
На средбата беше најавена посетата на министерката за европски прашања на Кралството Данска, Мари Бјере во април годинава. МЕП Муртезани подвлече дека оваа посета ќе биде значајна за продолжување на дијалогот за нашето европско досие, особено во светло на претстојното претседавање со Советот на ЕУ, кое од 1 јули годинава Данска го презема од Полска. Соговорниците се осврнаа и на приоритетите на данското претседавање, со посебен акцент на Македонија и регионот, нагласувајќи дека во услови на актуелни геополитички предизвици, заживувањето во пракса на политиката на проширување претставува императив и клучен фактор за стабилноста и безбедноста на регионот и пошироко.