Skip to main content
Премиерот испрати честитка за католички Велигден

Мицкоски: Во овие времиња на предизвици да си подадеме рака и заеднички да го градиме нашиот единствен дом – Македонија

Претседателот на владата, Христијан Мицкоски, на сите христијани кои го прославуваат католичкиот Велигден по грегоријанскиот календар, во свое лично име и во име на Владата, со голема радост и искрена срдечност им го честита најголемиот и најрадосниот празник во христијанската вера.

Велигден е празникот на надежта и победата на животот над смртта. Нека веста за Воскресението на нашиот Господ Исус Христос ги исполни вашите срца со вера, мир, љубов и нова сила. Нека овој светол ден ви донесе здравје, благослов и радост во секој ваш дом и семејство. Пораката на Велигден нè повикува да се издигнеме духовно и да ги надминеме сите поделби.

Во овие времиња на предизвици, сите ние сме повикани да си подадеме рака, да застанеме рамо до рамо и заеднички да го градиме нашиот единствен дом – Македонија“, порачува Мицкоски.

Премиерот додава дека само преку толеранција, заедништво, сплотеност, хуманост и взаемна почит можеме максимално да придонесеме за подобра и поправедна држава и за просперитетна татковина во која секој граѓанин ќе има можност за достоинствен живот, сигурна иднина и економски напредок.

Нека духот на овој празник нè инспирира да градиме мостови на разбирање, да ја зајакнуваме меѓусебната доверба и да работиме заедно за да ја направиме нашата земја уште поубава, поуспешна и пред се посреќна, како за сите нас, така и за идните генерации.

Христос Воскресе! Навистина Воскресе! Честит Велигден!“, се вели во честитката на Мицкоски.

Поврзани вести