
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерната прес-конференција по повод вториот круг од локалните избори 2025 година, изјави дека резултатите претставуваат победа на народот и на новата енергија што ја движи државата напред, а не причина за политичко ликување.
„Не сум среќен за дебаклот на СДСМ, но ова е одраз дека таа партија не се реформираше. Вечерва не славиме за нивниот пораз, туку за новата енергија која ја движи државата напред,“ рече Мицкоски.
Тој нагласи дека секој освоен глас е обврска и одговорност за ВМРО-ДПМНЕ да продолжи да работи во интерес на граѓаните.
„Секој глас кој го добивме е обврска, и со одговорност пристапувам кон секој глас. Овие избори се порака и до нас — да не забегуваме во успехот, да се менуваме и подобруваме,“ истакна тој.
Мицкоски додаде дека победата не смее да биде причина за опуштање, туку поттик за уште поодговорна и посветена работа.
„Имаме обврска да не се опуштиме ниту еден ден,“ порача Мицкоски, истакнувајќи дека новата политичка енергија треба да се преточи во конкретни резултати и подобар живот за сите граѓани.

                        
Македонски






