Skip to main content

Мицкоски: Македонија е првата земја од Европа која има ваков стратешки дијалог со САД, очекуваме голем напредок во значајни области

Македонија е првата земја од Европа која има ваков стратешки дијалог со САД, со оваа администрација, рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање „што очекува од стратешкиот дијалог во САД каде има денес македонска делегација“.

Нашата делегација таму ја предводи министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, а од другата страна е вториот човек на Стејт Департментот.

Исклучително високо ниво. Теми кои ќе бидат опфатени се дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, апликациите и имплементацијата, билатералната соработка, енергетиката, инфраструктурата која ја градиме и во која силно инвестираме. Потоа одбрамбената индустрија, соработката во овој дел. Тоа се неколку области во кои што очекуваме да се постигне голем напредок. Истовремено да се промовира една инвестиција во значаен производен објект. Тоа е рудата антимон која ќе се експлоатира во паланечкото село Луке. Редок минерал, што може за нашата економија да значи многу – рече Мицкоски.

Премиерот рече дека истрагите таму се при крај и очекува многу скоро тоа да биде започнато.

Ќе се извезува во САД. Од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома во САД, тоа е еден заокружен циклус. Нешто кое што е многу важно за Македонија како држава и за нас како граѓани – рече Мицкоски.(МИА)

Поврзани вести