
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски од трибина во Кичево го поздрави донесувањето на законите за зголемување на пензиите за 2000 денари и за ваучери за студентите во вредност од 15.300 денари.
Пред да започнам со говорот, сакам да соопштам две убави работи кои денес се завршија во македонското Собрание. Помина Законот, со кој на сите студенти во државата запишани на додипломски студии за учебната 2025-26 та година ќе добијат таблет, лаптоп или компјутер. Поддршка за секој млад човек. И втората работа е ново додатно покачување на пензиите на пензионерите, линеарно, онака токму како што тие бараа. Вака се сака Македонија. Додека опозицијата клевети, удира ниско, работи против државата, ние градиме, придонесуваме и се бориме за сите граѓани, кажа премиерот Мицкоски.
Во обраќањето до кичевчани, Мицкоски рече дека вечерва е меѓу нив, во градот кој има дадено многу за нашата татковина, град со традиција, со борбен дух и со луѓе што знаат што е вредност, што е достоинство, што е исправност.
Оваа вечер е посебна. Не само затоа што сум со вас, туку затоа што заедно можеме да погледнеме наназад, на една година исполнета со борба, со работа, со резултати. Но, уште поважно, да погледнеме напред. Со надеж. Со план. Со волја за промена и за подобро утре за секој еден човек во нашата Македонија. Пред точно една година, народот донесе одлука. Реши да ја земе иднината во свои раце. По седум години хаос, пониженост, криминал, уцени, поделби и страв, конечно дојде времето на правдата, на слободата, времето на работа. Граѓаните ја вратија надежта во сопствени раце. Доволно беше од заробена држава, доволно беше од корупциски скандали, од уценети функционери, од неми институции. Македонија беше држава во која владееше партијата, а не законот. Народот беше понижен, а криминалот беше наградуван. И тогаш, граѓаните гласно кажаа доста е. И го избраа патот на вистината и на исправноста. Ни ја дадоа довербата, да ја водиме оваа држава и од тој ден започна промената, нагласи Мицкоски.
Тој потенцира дека во својата прва година од мандатот, Владата ги поставила темелите за да може да се посвтеи, вели, на иднината следи
Првата година ја посветивме на темелите. За да градиме иднина, мора прво да ги исправиме сите оние работи коишто беа погрешно поставени. Ги зајакнавме институциите. Го воспоставувавме законот. Го стабилизиравме економскиот курс на државата. Го скротивме хаосот кој што го оставија. Почнавме да вложуваме повторно во системот, а не во партиските џебови. Да вложуваме во човекот, во учениците, во земјоделците, во работниците, во младите, во пензионерите. Да вложуваме таму каде што е најпотребно. И можам да ветам и да кажам, дека тука нема да застанеме, рече Мицкоски.
Тој нистакна дека знае оти не е лесно, дека народот е изморен од лаги, од празни зборови и празни ветувања, но и дека гледа кој работи.
Но, и тоа го знам, народот гледа кој работи, а кој се крие. Гледа кој вложува, а кој краде. Гледа кој се бори за Македонија, а кој ја продава. И затоа, ние како Влада, не бегаме од одговорноста. Ја носиме со гордост, затоа што оваа држава вреди да се бори за неа и да се спасува, од тоа што го наследивме. Вреди да се гради, вели премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека секој почеток е тежок, секој нов почеток е уште потежок, затоа што наследуваш веќе стекната состојба и не почнуваш од нула, туку од минус и повторно, градиш темели, одново, и ги засилуваш носечките кои дотогаш биле дотраени, кршени, рушени.
Тие нови темели стануваат фундамент на новата иднина која заеднички ја градиме, тие нови темели се секојдневната борба за вас и за вашата иднина. Тие темели треба да го донесат времето на Македонија, време кое допрва доаѓа. Најдоброто кое допрва ќе се случи. Она што сите го очекуваме, сакаме, заслужуваме и за кое секој ден, се трудиме и чекор по чекор се бориме. Земја на пропсеритет, ред, развој, почит, човечност, земја на вредности. Земја со која ќе се гордееме, земја која ќе биде на вистинскиот пат, повторно твоја и ќе работи за тебе. Една година од новиот почеток, една година градење на темели, една година за вас, вели Мицкоски
Тој се осврна и на образованието и социјалната политика.
Во образованието ја направивме најголемата промена досега. За првпат по седум години, учебната година започна со над еден милион учебници, поставени на училишните клупи уште на првиот училишен ден. Нешто што не беше случај изминатите седум години, кога владата ја предводеа СДСМ и ДУИ. Никој не веруваше дека е возможно, но ние покажавме дека кога има волја, има и резултати. Испечатени се над 100 нови наслови за средното стручно образование. Се градат нови училишта, се градат нови спортски сали, комплетно се реконструираат училишта, итн. Се она коешто е потребно нашите најмили, децата, да го добијат, а тоа е образованието, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека се вложува и во студентите и нагласи дека по долгогодишен застој, конечно се одблокирани објектите за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, и овие генерации, посочи, нема да студираат во импровизирани простории, туку во современи згради, со современи услови.
Во 2025 година, како што претходно можевте да видите, обезбедени се 38 милијарди денари за образованието. Тоа е најголемиот влог и буџет досега во обраованието. Тоа е јасна порака, дека иднината на Македонија е во знаењето, подвлече Мицкоски.
Премиерот укажа и на значењето на економскиот развој и на инвестициите
Но, ние не застануваме тука. Знаеме дека без економски развој, нема стабилна држава. И затоа ја отворивме вратата за инвестициите. И домашни и странски. Секој ден разговараме со инвеститори, отвораме нови фабрики, нови работни места. Даваме поддршка на земјоделците, на стопанството, на приватниот сектор. Даваме шанса на младите да останат тука, дома, да создаваат тука, и да веруваат во својата татковина Македонија. Обезбедуваме и повисоки пензии за пензионерите. Со ова ново линеарно покачување, веќе зголемувањето за пензионерите, линеарно за една година или година и неколку месеци, изнесува историски високи 7.000 денари. Тоа можеби и не е доволно, јас сум сигурен, но е многу повеќе од сето она коешто се случуваше во минатото, вели тој.
Мицкоски додаде дека во Кичево ќе продолжат да вложуваат во нови локални патишта, водоводи и канализации. Ќе се инвестира и во спортот, и во културата, и во туризмот.
Ќе ја вратиме поддршката за сточарите и земјоделците од овој крај. Ќе создадеме нови работни места. Ќе има можност за младите, и сигурност за повозрасните, фер услови за сите. Градиме држава која ќе ги слуша граѓаните, а нема да ги манипулира.
Оваа година не беше година на зборови. Ова беше година на работа. Година на темели. Темели на држава која ќе биде правична, достоинствена и силна. Темели на држава во која нема повеќе место за политички елити кои крадат, уценуваат и продаваат сè што е македонско. Темели на иднината која сите ние заеднички ја заслужуваме. И ова не е крајот. Ова е само почетокот. Почеток на реформи. Почеток на нов развој. Почеток на Македонија што живее. Македонија што се гради. Македонија што се сака, порача Мицкоски пред кичевчани.