
Со силна порака за отворање на македонската наука кон европските истражувачки центри и поврзување на академијата со индустријата, на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денес се одржа ИНФО ДЕН посветен на можностите за поддршка на научно-истражувачката дејност преку ново потпишаниот Рамковен договор со Здружениот истражувачки центар (Joint Research Centre – JRC) на Европската комисија.
Настанот ги обедини водечките претставници од академската заедница, Владата и меѓународни партнери, кои дискутираа за иднината на науката во Македонија и нејзината улога во развојот на одржлива енергетика, паметна индустрија и трансфер на знаење.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска посочи дека надградената соработка се однесува на клучни области како зајакнување на инфраструктурата за истражување и развој, усовршување на инструментите за управување и политика, како и развој на механизми за следење и евалуација. Дополнително, соработката ќе ја промовира мобилноста на истражувачите, нудејќи можности за докторски и постдокторски кандидати од земјава да бидат сместени во научните директорати на Здружениот истражувачки центар на Европската комисија.
Соработката меѓу Македонија и Здружениот истражувачки центар на Европската комисија влегува во нова ветувачка фаза. Мојата неодамнешна посета на институтот во Испра ја потврди нашата посветеност за продлабочување и проширување на ова партнерство и со големо задоволство денес го официјализираме тоа со потпишување на Рамковен договор за истражување, кој ќе биде од клучна важност за спроведување на Стратегијата за паметна специјализација на државата“, рече министерката за образование и наука Јаневска.