Skip to main content

Јаневска: Има наставници кои никогаш не исполниле цел фонд на часови што е многу серозен проблем

Има наставници кои никогаш не исполниле цел фонд на часови што е многу серозен проблем, но имаме и пет илјади наставници кои се вишок, а претходно такви беа три илјади. Сепак да не се плашат дека нешто ќе им се случи, истакна вечерва министерката за образование и наука Весна Јаневска.

-Во иднина ќе мора да ги направиме овие наставници функционални. Тоа значи поголем нивни ангажман, подолг престој на училиште, а за тоа ќе добиваат повисоки плати. Ќе добијат многу неопходни обуки. Целодневната настава, едносменската настава, зајакнувањето на Бирото за образование, на Државниот испитен центар, на Државниот просветен инспекторат се пулови каде тие ќе си најдат место, рече Јаневска во интервју за ТВ Телма.

Од контактите што ги имам со нив, додаде, тие се спремни тоа да го направат исто како и Министерството, а позитивна волја гледаме и кај Владата.

-Се надевам дека со тек не време ќе го достигнеме сето тоа што е планирано, потенцира Јаневска.

Потврди дека денеска на Собрание поминаа законите за основно образование, за средно стручно образование, за учебници, за образование на возрасни, за национална рамка на квалификации и за нуклеарна агенција.

Во одговор на прашање рече дека во законите што беа донесени во Собранието е избришан членот за заменски наставник за време на штрајк што, како што рече, најмногу им сметаше на наставниците, но и нејзе лично.

Потврди дека Министерството ќе му префрли пари на Универзитетот Свети Кирил и Методиј – УКИМ за долгот за струја.

-Ќе им дадеме пари за струја веднаш во 2025 година, со новиот буџет, затоа што Законот за високо образование вели дека МОН треба да ја плаќа струјата на универзитетите, но со измената за Законот за високо образование ќе видиме како тоа ќе го решиме. Во моментов некои универзитети помалку, а некои повеќе имаат од таканаречените сопствени средства кои не можат да ги трошат за струја, тука нема дилема, но можеби ќе се договориме дел од тие средства во иднина да одат и за режиски трошоци, истакна Јаневска.

Поврзани вести