Skip to main content

Груби е сместен со уште еден притвореник во затворот во Шуто Оризари откако рекол дека можеби би имал закани од некој од притворените

Поранешниот прв вицепремиер во владата на СДСМ и ДУИ, Артан Груби во 9.20 часот е спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари откако утрово беше уапсен на граничниот премин Блаце.

По извршените прегледи од затворскиот лекар, Груби бил сместен во притворското одделение. Тој бил во добра здравствена состојба. Бил прашан дали има некои здравствени побарувања, на што одговорил негативно.

Директорот на затворот, Бобан Утковски, за медиумите рекол дека Груби е сместен со уште еден притвореник откако рекол дека можеби би имал закани од некој од притворените.

Претходно, од Кривичниот суд на Груби му е одреден 30-дневен притвор кој тече од денеска. Тој може да побара промена на мерката притвор, а тоа барање би одело преку Обвинителството, по што Судот би се изјаснил.

МВР потврди дека утринава во 06:10 часот на граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ.

Груби се гони за проневера во служба во Државна лотарија. Заедно со Перпарим Бајрами се осомничени за сторен криминал од 8 милиони евра преку нарачка на ВЛТ апарати.

Како раководител на владината седница, Груби го одобрил барањето за ВЛТ апаратите иако знаел дека јавната набавка е незаконска и дека лотарија нема право самостојно да организира електронски игри на среќа.

Груби од 9 декември 2024 е на црната листа на САД поради вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси.

Тој ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага. Иако бил ставен на „стоп-листа“, граничен полицаец му дозволил да ја напушти земјата со дипломатско возило на еден почесен конзул во земјава. Груби тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските, ќе се врати дома.

Македонската полиција тогаш распиша меѓународна потерница по него. Перпарим Бајрами е сѐ уште во бегство.

Поврзани вести