
Началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски денеска во Лондон се сретна со заменик-началникот на Генералштабот за одбрана, воздухопловниот маршал Харви Смит со кого разговараше за моментната безбедносна состојба во регионот, Европа и пошироко.
Како што информира Генералштабот на Армијата, генералот Лафчиски и маршалот Смит разговарале и за развојот на соработката на вооружените сили на двете држави, развојот на регионалните планови на НАТО, учеството на Армијата во мисиите на НАТО во Романија, Бугарија и на Косово, како и придонесот на Армијата во ЕУ операцијата Алтеа во Босна и Херцеговина.
Соговорниците разговарале и за новиот Стратегиски одбранбен преглед на Обединетото Кралство, како и потребата од ажурирање на овој значаен документ во нашата земја, имајќи ги предвид британските искуства.
Во рамки на посетата на Лондон, генералот Лафчиски учествува на дводневна Конференција за копнено војување, каде свое излагање имале претставници од високиот воен и политички врв на Обединетото Кралство, како и претставници на академската заедница, одбранбената индустрија и банкарскиот систем.
За време на Конференцијата, генералот Лафчиски се сретнал со началникот на Генералштабот на Армијата на Обединетото Кралство, генерал Сер Роберт Вокер со кого разговарал за проширување на соработката на двете армии, исполнувањето на новите НАТО Цели на способности, користењето на капацитетите на армискиот полигон „Криволак“ и реализацијата на заедничка обука и вежби.