Зајас е мало место и нормално дека го знам Ислам Абази, вели бизнисменот Дрин Ахмети за фотографијата на која се неговиот татко и обвинителот за организиран криминал. Тој во интервјуто за „Република“ вели дека неговиот чичко Али Ахмети не му помага воопшто во бизнисите.
Интервјуто со Ахмети го водевме на англиски јазик во зградата на „Соравија“ за која вели дека сѐ уште му припаѓа на досегашниот сопственик Хано Соравија, но оти во тек е постапката за преземање од страна на американскиот бизнисмен со албанско потекло Ник Назар Мехмети.
Господине Ахмети, интервјуто го водиме во зградата на Соравија, на англиски јазик. Зошто на англиски? Македонскиот јазик е официјален јазик во Македонија.
Ахмети: Зборувам по малку македонски. За жал, мојот македонски не е толку добар, па не можам академски да зборувам или да ги објаснувам деловните процеси. Цел живот учев на англиски, па дури и да треба да одговарам на прашања на албански, кој ми е мајчин јазик ми е потешко отколку да зборувам на англиски. Не мислам да не ги почитувам официјалните јазици и македонскиот и албанскиот, но полесно ми е да се изразам на англиски.
Зошто инсистиравте интервјуто да го водиме во оваа зграда? Дали сте загрижени за вашата безбедност?
Ахмети: Ние ги поканивме сите новинари кои сакаа да направат интервју, рековме дека сме отворени и мислам дека беше ваше барање да дојдете овде. Не сум сигурен. Тоа го знае мојот шеф на кабинет кој беше во комуникација со вас и тој рече дека вие ќе дојдете тука. Немам возачи, немам телохранители, си одам сам дома, сам возам. Никогаш во животот не сум се чувствувал побезбедно.
Бевте до јавното обвинителство да дадете изјава. Со оглед на тоа дека против вас се водат две постапки во обвинителството, дали сведочевте за двете обвинителства, и за обвинителството за организиран криминал и за јавното обвинителството?
Ахмети: Не. Во врска со обвинувањата на Соравија, јавниот обвинител никогаш не побарал дададам исказ. Никогаш не сум имал каква било покана од нив. Ова беше покана за предметот за концесијата на компанијата „Еверест“, при што на јавниот обвинител му ги дадов исплатите што ги извршивме, значи исплатите што ги направиле, вклучувајќи ја и каматата што е платена за доцнењето со исплатите. Причината за доцнењето со исплатите, а ние и оваа година доцниме, е, ако погледнете надвор, гледате дека има снег. А ние треба да одиме токму сега на терен за да ги извршиме мерењата. Законот вели дека на 31 декември треба да ја затворите годината и треба да ги имате готови мерењата. Но, ниту еден геодет не може да оди таму да мери во моментов. Ова е техничко прашање. И секоја година од кога сум на чело на „Еверест“ ние доцниме, плаќаме во февруари, во март, не ме земајте на збор, но секогаш доцневме поради оваа причина. Бидејќи рудникот кој го работиме, каменоломот е на надморска височина од приближно 1.200 метри. Така да, поради таа причина, таму секогаш има снег во овој период од годината и тешко е да се изврши мерењето.
Сѐ уште имате концесија за рудникот, за минералите?
Ахмети: Да, имаме концесија, работиме и таму се вработени луѓе.
Дали очекувате да бидат покренати обвиненија против вас?
Ахмети: Па не знам, тоа треба да го кажат институциите. Јас им кажав што знам, сведочев за она што го знам, за што бев свесен. Им објаснив дека ова е темелен процес кој вклучува многу луѓе. Ова го вклучува нашиот инженерски кадар, вклучува други ангажирани консултанти кои работат со нас во согласност со законите за минерали. Значи, тоа не е само моja работа, многу луѓе се вклучени. Имаме многу луѓе ангажирани да го следат законот, имаме адвокати, имаме сметководители, сè што треба. И самите ги поканивме институциите да видиме дали сме направиле некакви прекршоци. И тоа е се во таа приказна. Чекаме одлука од обвинителите
Дали ја знаете оваа фотографија, ги познавате овие луѓе?
Ахмети:Да, ги знам.
Дали верувате дека е можна непристрасна истрага против вас кога има фотографија од обвинителот за организиран криминал Ислам Абази со вашиот татко?
Ахмети: Ајде накратко да објаснам. Го познавам таткото на Ислам Абази, професорот Асан Абази. Тој е наставник по историја во средното училиште во Зајас, беше професор, сега е во пензија. Јас го познавам неговиот татко. Зајас е мало место, веројатно 4.000 луѓе живеат таму. Можеби 4 или 5 илјади луѓе, не ме земајте за збор. Веројатно бројот на постојани жители е уште понизок. Не ме земајте за збор. Таму сите се познаваме. Сите знаеме еден за друг. И не мислам дека господинот Абази како обвинител е директно ангажиран во ниту еден мој предмет. Но, згора на тоа, господинот Абази го немам сретнато од почетокот на истрагата. Ниту татко ми го сретнал, колку што јас знам, ниту некој од моето потесно семејство. Значи, сите се познаваме, мала држава сме. Кој и да е човекот, многу лесно можеш да го најдеш во Македонија. Ние не сме држава од 20 милиони луѓе.
Дали сте семеен пријател со обвинителот Абази?
Ахмети: Не, не, тоа беше настан, затоа што татко ми, тој седи таму е затоа што на тој настан имавме собрани 40 или 50 луѓе, а татко ми сака народна музика. Тој имаше покането неколку пејачи таа вечер, и има и видеа од тој настан. Ние славиме семејна пригода. Значи, така, тој ни е познат, го знам, сум го сретнал можеби 4 или 5 пати во животот, но никогаш не сум го прашал ништо.
Има информации дека сте патувале заедно со г. Абази.
Ахмети: Јас? Никогаш во мојот живот. Никогаш во животот не сум бил во кола со него. Кажете слободно кој ден било тоа, не било никогаш.
Овде сме во зградата на Соравија. Кој е нејзиниот вистински сопственик? Дали е Хано Соравија, ти или Ник Наџар Мехмети?
Ахмети: Ниту еден од нас.
Ниту еден? Значи работите се доста комплицирани.
Ахмети: Да, комплиирани се. Бидејќи во Македонија луѓето мислат дека секоја трансакција е толку проста, одите некаде како да купувате некоја мала продавница за слатки, плаќате и ја земате тапијата. Големите бизниси не функционираат на тој начин. Тоа е друга структура. Засега тапијата му припаѓа, и понатаму е на г-динот Хано Соравија. Но ние работиме на договор. Извршивме плаќања кон него и тоа е прашање на процедура, прашање на време на обработка на договорот од различни јурисдикции кои се вклучени во зделката и за неколку недели таа ќе биде затворена и ќе има нов сопственик. Овој сопственик е фонд. Тоа ќе биде структура наречена „Гондолинг капитал“, која е основана од мене, но има многу инвеститори, вклучително и институционални инвеститори. И тоа е целата приказна.
Дали г. Мехмети е поранешен финансиер на УЧК?
Ахмети: Не, не сум свесен за тоа.
Дали знаевте дека тој поседува стриптиз барови во Далас, САД?
Ахмети: Не знам за тоа. Никогаш не сум ги видел, не знам, никогаш не сум го прашал за тоа, бидејќи тоа се чувствителни работи и не сакам да ги прашувам луѓето нешто што можеби се чувствуваат непријатно да го споделат. Но, тој ми даде негова проверка извршена од страна ФБИ – и е 100 проценти чист, без обвиненија за ништо, без недозволени активности.
Тој нема проблеми со законот во САД?
Ахмети: Не, апсолутно не. Тој е на суд, сите во САД се постојано на суд, но нема незаконски активности, тој не е кривично обвинет за ништо. Имам проверка на неговото минато.
Како влеговте во заедничка инвестиција со господинот Мехмети?
Ахмети: Лесно беше, тоа беше преку моите врски во Сенатот на Тексас. Еден Американец ме запозна со него. Не сакам да кажам кој, но еден американски политичар не запозна. Тој ни рече, вие сте од Македонија, имаме некој што е од Македонија во Далас. Праша дали би сакал да го запознаам.
Велите дека сѐ е чисто?
Ахмети:100 проценти. 100 проценти. Ако има нешто… до денес тој е 100 проценти чист затоа што ги имам неговите проверки. А и тој има моја проверка. Но, не знам што може да се случи утре. Никој не знае. Затоа не се прават статуи за живите луѓе, затоа што не се знае како ќе завршат. Но, до сега, тој е 100 проценти чист.
Колку чичко ви ви спомогна со вашите бизниси во Македонија?
Ахмети: Нула.
Се чини дека е полесно да се работи кога на ваша страна го имате можеби најмоќниот човек во земјата.
Ахмети: Не. Со кој може сите врати да ви се отворат. Луѓето овде во нашата земја, за жал, сè уште имаат негативно расположение кон бизнисот. Сега, верувам дека вие доаѓате од централно десничарски медиум и повеќе го цените бизнисот отколку социјализмот. Значи, нема да навлегувам во политика или филозофија, но ако можете да наведете една личност, компанија, субјект со кој чичко ми ме поврзал или вршел притисок да ми помогне, било кој субјект, можете да кажете дека беше овој, оној, нема ништо такво. Никој, никогаш. Да, тој влијаеше на моето воспитување како дете затоа што го користев како пример каков треба да биде еден човек а не политичар. Кога бев дете, не знаев дека тој е важна личност. Не знаев. Кога растев, сфаќав дека ако си важен човек, не одиш наоколу да им кажуваш на луѓето дека си важен, туку едноставно си, го знаеш тоа и си достигнал ниво на самопотврдување и не ти треба да се пофалиш со тоа. Тоа е една од најважните лекции што ги научив од него. Но, што се однесува до мојот бизнис, една и пол година сите ме истражуваат. Не најдоа ниту една врска меѓу мене и него бидејќи нема.
Дали сметате дека Фондот за иновации одлучувал објективно, непристрасно и независно да им даде на вашите компании средства што се издвојуваат од овој фонд?
Ахмети: Ние аплициравме до Фондот за иновации за 10 проекти, а добивме два. Од она што го знам и од она што е моето разбирање, а мојот персонал го знае ова подобро, имаше странски одбор на луѓе кои одлучуваа кои компании ќе добијат грантови. А опремата од Фондот за иновации штоја набавивме е тука, во овие простории, можете да ја видите по интервјуто. Потоа нѐ натераа да ги вратиме сите пари што ги добивме поради некоја чудна причина, и ние го сторивме тоа. И тоа е целата приказна. Ние сме иновативна компанија, отворивме ИТ оддел, имаме договори во САД и, во ред аплициравме.
Аплициравте за проектите?
Ахмети: Да, да, за проектите. Законски, одговоривме на повикот и од 10 проекти на кои аплициравме, добивме два. Осум проекти не ги добивме.
Каде можеме да ги видиме проектите на Фондот за иновации?
Ахмети: Ќе ви ги покажам токму овде. Кога ја отворивте оваа врата, видовте печатач, на него има од фондот за иновации…
Каква иновација е печатач?
Ахмети: Бидејќи грантот беше да се купи опрема, не беше за иновации, туку да се купи опрема покриена од грант. Не го разбирам тоа 100 проценти затоа што мојот тим ја водеше апликацијата и бевме прифатени. Компании, млади компании се финансираат од Фондот за иновации за набавка на опрема. Ние купивме компјутери, го претставивме бизнис планот за што ќе ги користиме компјутерите, што ќе правиме со нив и тој бизнис план беше одобрен. Од 10 апликации добивме две. И, колку што јас се разбирам, имаше странски одбор кој одлучи да ни ги доделат овие средства.
Колку пари земавте од Фондот за иновации и за кои проекти?
Ахмети: Не знам. Морам да проверам со вработените. Навистина не знам. Јас не бев вклучен во процесот на аплицирање, мојот тим беше тој што ја направи апликацијата. Ни дадоа зелено светло затоа што не видоа ништо лошо.
Кои сметки се блокирани и зошто?
Ахмети: Значи три сметки ми се блокирани, не знам зошто. Еден од нив е блокирана од Управата за јавни приходи. Мислам дека сите три се блокирани од Управата за јавни приходи. Работиме со нив на изнаоѓање решение за реструктуирање на долгот кој според нив останал неплатен. Затоа што за жал во Македонија немаш право да се жалиш, да кажеш, чекај, не ги должам парите, туку само ти ги блокираат парите. Не е како во земјите од првиот свет каде што прво даваат најава, па втора најава, па известување, па дури потоа дејствуваат. Тука само ти ја блокираат сметката и тоа е тоа.
Ако се регуларно платени зошто и понатаму остануваат блокирани?
Ахмети: Не се регуларно блокирани, не знам зошто. Сметките беа заклучени веројатно околу јули, па потоа беа деблокирани, па повторно блокирани, па пуштени. И поради оваа причина, за да го задржиме најголемиот дел од мојот персонал, моравме да им поделиме акции на дел од вработените. И го направивме тоа.
Можете ли да објасните како успеавте да ги решите проблемите со блокираните сметки за време на претходната и сегашната власт?
Ахмети: Не успеавме да ги решиме, само плативме. Ни земаат пари од сметката и тоа е тоа.
Кој е сопственик на Тор Индустрис? Имавте најава дека се повлекувате и дека компанијата ја презема Ник Наџар Мехмети.
Ахмети: Така, од сега, Тор Индустрис е исто така дел од реструктуирањето. Јас излегов од Тор Индустри, потпишав, направивме докапитализација преку компанијата на господин Мехмети – „Тексас Американ Холдингс“. Значи оваа компанија во новата структура ќе ја преземе господинот Мехмети. Имаме претежно имот во странство, а не во Македонија процентот, конечната пресметка колку проценти ќе биде во чија сопственост ќе биде во согласност со новата пресметка што ќе ја направи инвестициската банка.
Значи наскоро сите ваши фирми ќе бидат во сопственост на господинот Мехмети?
Ахмети: Не, не не. Правиме процес на зголемување на капиталот. За ова зголемување на капиталот тој стави 12,3 милиони евра. Инвестициски банкар ќе ја проценува компанијата. Имам комерцијален договор за попустот што ќе му го дадам за проценката и тој ќе ги земе акциите. Дали тоа ќе биде 100 отсто или ќе биде 10 проценти не знам, бидејќи пресметката сѐ уште се чека и ја прави меѓународна банка.
Има информации дека сте влегле и во бизнисот со електрична енергија. Дали е вистина?
Ахмети: Не. Тоа не е вистина. Имаме концесија за која аплициравме во 2018 година. Ни беше доделена во 2019 година и веќе пет години работиме на документацијата за да добиеме градежна дозвола што беше многу потешко отколку што очекував. Досега имаме инвестирано над 200.000 евра само во дозволи и сѐ уште немаме одобрение за градба. Се обидуваме да добиеме градежна дозвола. Тоа е инвестиција, тоа беше наша сопствена иницијатива бидејќи многу добро го познаваме регионот во Бачишка Река. Ние аплициравме, нашиот проект беше оценуван. Ќе видиме.
Колку вработени има во вашите компании?
Ахмети: Во еден момент имавме над 400 вработени. Во моментов сме многу помалку, сметам дека во целата група сме меѓу 70 и 80 луѓе. Имаме некои кои се целосно вработени и некои кои се со договор за услуги. Не ме земајте за збор за точната бројка затоа што направивме многу кратења, поради проблемите што ги имавме со блокираните сметки, и беше невозможно да ги задржиме сите, така што бројката сега веројатно е 70-80 луѓе.
Имате 26 години, нели?
Ахмети: Да, така е, колку што имал и Александар Македонски кога владеел со половина свет.
За што ви беа тие 750 пиротехнички средства за кои бевте приведен во полиција?
Ахмети: Значи, морам да објаснам две работи за ова.
Дали плативте казна?
Ахмети: Не, судот сѐ уште не одлучил дали треба да платам казна. Јас сум на суд и не знам заказната, кога ќе знам ќе ви кажам. Како прво, треба да знаете дека ние како компанија „Еверест“, и јас лично, имаме дозвола за увоз, складирање и детонирање експлозиви. Овае лиценца која ја даваат сите институции во Македонија, Министерството за внатрешни работи и сите безбедносни агенции во државата, кои ни довериле лиценца која е исклучително ретка – дека можеме да детонираме експлозиви. Ги користиме за рударските активности за кои сме лиценцирани. Второ, тие огномети беа купени преку фактура, легално, а беа купени затоа што кога си одев дома на новогодишната ноќ, сите мои внуци и внуки беа таму, и сакаа шоу со огномет, како што мислам дека сака и секое дете во Македонија. Не за тие да ги детонираат, туку да го гледаат шоуто. И ние ангажиравме компанија да го направи тоа. Огнометот беше платен преку фактура, фирмата беше од Гостивар, требаше да дојдат утредента да го активираат, и јас мислев дека се е ок, дека се е според правилата. Не знаев дека ќе се случи масовно да се зборува за тоа една цела година. Не го знаев тоа, да бидам искрен. И после сето тоа што се случи, по целата таа приказна, дознав дека ова станало медиумска приказна кога ги видов новинарите пред полициската станица. И јас тогаш сфатив на каде оди сето ова. Тоа немаше никаква врска со какви било недозволени активности за кои бев обвинет, гонет, за трговија или што и да е друго, што беше првичното обвинение. Па дури и господинот од полициска станица, одличен човек, командирот на полициската станица, ми рече дека ќе направат белешка и ќе ме ослободат следниот час. Но ме држеа во притвор цела ноќ. И тој беше изненаден, а беше многу љубезен господин, началникот на полицијата на централната станица. Но сега, како што знаете, Јавното обвинителство и МВР го сведоа предметот на нешто за што максимална казна е 200 евра и судот ќе одлучи дали и тоа ќе остане да се плати. Затоа што огнометот го набавивме легално.
Велите дека сте жител на Америка. Зошто сакате да инвестирате во Македонија? Дали е тоа можеби поради блиските врски меѓу бизнисот и политиката?
Ахмети: Не. Не. Како прво, ја сакам оваа земја, тука пораснав, каде и да одам во светот секогаш ќе ја сакам оваа земја. Со сите нејзини дефекти, лоши и добри страни, со сета историја, а ние како држава имаме богата историја. Значи ја сакам оваа земја. И јас постојано се обидувам да најдам начини, бидејќи живееме во динамичен свет, во свет што се менува, каде што сега можеш да водиш бизнис од каде било во светот, а сепак да бидеш во контакт. Не е како порано пред 50 години каде што не можевте да комуницирате. Сега и технологијата, комуникациските услуги се толку добри што можете да водите бизнис од каде било во светот, како сакате да го водите. Имаме проекти овде, наскоро ќе објавиме инвестиција за дата центар кој го правиме со американски партнери овде во земјава. Станува збор за нова инвестиција од околу 15 милиони долари, која ќе биде тука во Македонија, првиот центар за податоци од тој вид. Ќе го правиме со поголем конзорциум, дел од Gondoling капитал и инвестицијата ќе создаде околу 20 високо платени работни места во Македонија.
Дали сте биле изложени на обиди за корупција или изнуда?
Ахмети: Во мојот живот сум видел многу работи. Сум слушнал повеќе отколку што сум видел. И ќе оставам на тоа.