
Заменик-министерот за правда, Ален Деребан денеска во изјава за медиумите во Собрание истакна дека изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет значи дека тие немаат легитимитет да земат учество, а уште помалку да одлучуваат во рамки на Советот.
Изгласаната интерпелација значи дека тие немаат легитимитет да земат учество, а уште помалку да одлучуваат во рамки на Советот. Судскиот совет мора да ја разгледа оваа интерпелација. Да закаже итна вонредна седница по однос на истото, а од нив очекувам да поднесат неотповикливи оставки. Прво, треба да разјасниме дека тие пет членови не се судии, туку се носители на јавни функции на кои се избрани од Собранието. Собранието согласно Уставот е надлежно да врши надзор над нивната работа. Интерпелацијата е уставна категорија и вчерашната интерпелација која им беше изгласана на овие пет члена на Судскиот совет избрани од Собранието е многу сериозна работа и мора да биде сфатена сериозно, затоа што со истата се утврдува дека овие пет члена имале значителен придонес во загрозување на независноста на угледот на судството и судската власт, но и значителен придонес за намалување на довербата на граѓаните во судството, рече заменик-министерот.
Деребан потенцира дека било каква квалитетна законска рамка и да имаме, доколку, како што рече, не се почитуваат не може ништо да се спроведе.
Мора да знаеме дека колку реформски процеси да преземаме преку донесување на нови закони, истите не можат да се реализираат во праксата со вакви членови во Совети и вакви персонални решенија. Таквата партизираност има многу негативно влијание и предизвикува ова што го наследивме ние како власт – ваквиот руиниран правосуден систем. Било какви законски реформи, колку сакаме да имаме квалитетна законска рамка и квалитетни законски решенија, доколку не се почитуваат не можеме да спроведеме ништо. Министерството за правда продолжува со преземање на сите чекори кои значат реформи во правосудниот систем преку донесување на нови законски решенија. Меѓутоа, како што кажав, најважното за правосудниот систем е почитувањето на тие законски решенија од страна на чинители. Не дека претходните законски решенија биле ложи, туку станува збор за селективна примена на Уставот и законите на Република Македонија, рече Деребан.
Заменик-министерот Деребан информира дека во моментов се работи на измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет, формирана е нова работна група и очекувa најдоцна до јуни истиот да биде донесен во собраниска процедура.
За најавата на „Европскиот фронт“ дека можно е да поднесат интерпелации за уставните судии, Деребан нагласи дека не може да се произнесе на претпоставки. Во ова фактичка состојба, рече заменик-министерот, можам да ги коментирам само фактите кои што постојат во моментот.
Собранието на вчерашната седница изгласа недоверба на петте членови на Судскиот совет избрани од Собранието – Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Изгласувањето на интерпелациите не значи оставки за овие пет члена на Судскиот совет.
Зад иницијативата за интерпелациии, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за заминувањето од функциите на петте члена на Судскиот совет ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.