
На денешната панел дискусија „Идеја што не запира, вредности што носат промени“, гостуваше поранешната министерка за култура од ВМРО-ДПМНЕ Ганка Цветанова која истакна дека идеолошката платформа на ВМРО-ДПМНЕ се патриотизмот, заштитата на македонскиот идентитет, афирмацијата на македонскиот јазик, културното наследство како и традиционалните и семејните вредности.
„Кога станува збор за ВМРО-ДПМНЕ би можела да констатирам дека оние вредности кои се препознаваат како константа во идеолошката платформа во ВМРО-ДПМНЕ низ сите овие години на нејзиното делување се, пред се патриотизмот, заштитата на македонскиот идентитет, афирмацијата на македонскиот јазик, нашето културно наследство, негување на традиционалните духовни но и семејни вредности и стремеж кон државноста и независноста на Македонија“, истакна Цветанова.
Цветанова објасни дека ВМРО-ДПМНЕ е заштитник и борец за македонскиот идентитет и македонските национални интереси.
„Ова се вредности кои нас не дефинираат како народ и како држава, ова се вредности кои се исклучително значајни за опстанокот и достоинството на една нација, и вредности кои се носители на нашата колективна меморија, во таа смисла сметам и најодговорно тврдам дека ВМРО-ДПМНЕ е заштитник и борец за македонскиот национален идентитет и македонските национални интереси“, рече Цветанова.