
Доктор Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија и во 2025 година го повторува истиот став за модуларните болници изградени во време на Ковид кризата, ства што го имаше и во 2021 година, по пожарот во Тетово, кога изгореа 14 лица. Неговите изјави во врска со ова станаа повторно актуелни откако бившата обвинителка во СЈО и во ЈО, Лејла Кадриу, во јавен настап, истакна дека проблемот е што модуларните болници биле градени со ефтини панели од 5-6 евра, наместо со поскапите кои можат да издржат оган 45 минути и дека ако процесот се одвивал до крај, пооловина тогашна Влада требало да заврши во затвор.
Чибишев останува на ставот дека модуларните болници не биле соодветни за интензивно лекување на пациенти болни од Ковид и дека можеле да се искористат некои постоечки здравствени капацитети коишто не се користеле. Смета дека парите од Светска банка можеле да се искористат за реновирање и оспособување на тие објекти.
Во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, четири години по неговата изјава дадена непосредно по трагичната несреќа во модуларната болница во Тетово, Чибишев и во емисијата „За или против“ од 2 јуни ланската година, останува на ставот дека во самиот старт е донесена погрешна одлука здравството во периодот на пандемијата да се потпре на модуларните болници во кои, како што вели, немало соодветни услови.
Апсолутно, со тие пари можеше одредени капацитети коишто не се користат, не се во функција од разни причини, да се прилагодат за кратко време за да можат да бидат функционални и во нив да се сместуваат такви тешки пациенти на кои им е потребно интензивно негување. Не можеме ние интензивно лекување да пружаме на пациенти во модуларните болници. Јас сум влегол во модуларна болница и знам како тоа изгледа внатре. Тоа нема врска со капацитет за пружање таква нега којашто бара високи стандарди, високи критериуми“, вели Чибишев.
Според него, модуларните болници можеле да се искористат во краток временски период односно додека би се обновиле и прилагодиле одредени здравствени капацитети за сместување на такви пациенти кои бараат интензивно лекување.

Коментирајќи ги информациите обелоденети од владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека бил склучен анекс на договорот со фирмата која ги градела модуларните болници и била зголемена цената за 20 проценти со барање да се променат панелите, доктор Чибишев вели дека тоа е несериозно и трагично.
Законот дозволува нешто да се додаде и задолжително се додаваат тие 20 проценти, меѓутоа ако е направен пропуст во тек на планирањето, во текот на правењето на проектот, тоа треба да си го сноси фирмата која ќе ја добие работата, а не повторно да се потпишува анекс, па повторно од буџетот да се влечат пари затоа што некој направил пропуст, несериозно го направил проектот или од други добро познати причини, некакво меѓусебно договарање. Најтрагично на крај, и со тие пари повторно да не се направи онака како што налагаат стандардите, повторно тоа да биде некој објект во којшто пациентите само ќе проаѓаат, ќе добиваат некоја нискостандардна услуга и тоа ќе си остане така нефункционално и ќе треба дополнителни пари за да се оспособи за да биде функционално“, вели Чибишев.

Чибишев останува на ставот дека за време на Ковид кризата е направен страшен пропуст со модуларните болници за што потврда е и пожарот во 2021 година во модуларната болница во Тетово каде животот го загубија 14 лица.
И пред четири години, ние зборувавме нешто што сега се актуелизира како тогашен страшен пропуст на тогашните власти кои дозволија во екот на пандемијата да се градат и да се поставуваат одредени објекти како што беа модуларните болници кои беа апсолутно надвор од сите стандарди и сите пропишани протоколи за згрижување тешки болни. Во модуларните болници се згрижуваа пациенти со Ковид инфекции кои беа во прилично тешка состојба. Добар дел од нив имаа проблеми со дишење, па имаше потреба да се вклучуваат на асистирано дишење. И сето тоа уште повеќе ја обременуваше целата ситуација. И тогаш, а и сега ќе повторам дека модуларните болници не беа објекти, не беа капацитети во коишто требаше да згрижуваме таква тешка патологија, такви тешки пациенти. И тогаш, и сега, ние имаме здравствени објекти коишто или се постандарни или со мали интервенции можеа да се доведат во ситуација да бидат стандардизирани за да можат да згрижуваат такви тешки пациенти. Меѓутоа, за жал, се случи тоа што се случи и тоа е едниот дел од целата оваа трагедија. Изгоре модуларната болница, изгореа внатре пациенти, изгоре персонал, изгореа роднини на пациенти и оттогаш до сега ние гледаме дека таа трагедија не добива правна завршница“, изјави Чибишев во телевизиското гостување во 2025 година.

Македонски



