
ВМРО изворното, смело тврдам без никаква задршка, со полна одговорност, дека денеска пресликано во ВМРО-ДПМНЕ, предводено од нашиот лидер Христијан Мицкоски и тимот, претставува најдобрата верзија на ВМРО од неговото основање во 1893 година па се до денес. И што има подобро и поубаво и поголема чест, припадност и едно возвишено чувство да бидеш член на тоа друштво? Да работиме заедно на убавините што и ги носиме на Македонија, да не научи на патриотизам кој долги години го обликуваше до совршенство ВМРО-ДПМНЕ, истакна Ламбе Арнаудов, ветеран од Унија на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање на панел-дискусијата по повод 35 години од формирањето на најголемата политичка партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, под слоганот „Идеја што не запира, вредности што носат промени“.
Арнаудов нагласи дека историски, ВМРО заедно со македонската држава претставува нераскинлива симбиоза, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е формирано токму заради тоа, за заштита на македонските интереси и македонската држава. Арнаудов посочи дека најважното коешто го научил од ВМРО-ДПМНЕ е да вложува во исполнување на желбите на македонскиот народ, на својата татковина Македонија.
„Најважното што ме научи ВМРО-ДПМНЕ, амбиентот и атмосферата во ВМРО-ДПМНЕ, сите мои желби што ги имам да ги оставам надвор, туку да имам само една желба, а тоа е да му се исполнат сите желби на македонскиот народ и на мојата татковина Македонија. Историски, ВМРО заедно со македонската држава, тоа е една нераскинлива симбиоза, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е формирано токму затоа, заради заштита на македонските интереси и македонската држава и сум убеден дека немаше да постои доколку не беше ВМРО-ДПМНЕ. Тој силен порив на патриотизам што го има во членовите на ВМРО и ВМРО-ДПМНЕ ја одржа Македонија и ден денес, а ние ги чувствуваме почитта и љубовта кон татковината“, заклучува Арнаудов.