
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, се сретна со Клаус Михаил Грубер (Klaus Maichael Gruber), полициски аташе во Амбасадата на Австрија во Македонија. На средбата беа разменети мислења за досегашната билатерална, но и соработката во рамките на ЕУ-механизмот за цивилна заштита, во операциите за справување со пожарите, а и за време на ковид-пандемијата, при што идните чекори се во насока на продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете институции и држави.
Како што информираат од ДЗС, директорот Ангелов на средбата посочил дека во согласност со современите текови во доменот на справувањето со кризи, заштитата и спасувањето, се настојува да се продлабочи билатералната соработка помеѓу двете институции и држави. Истовремено, се заблагодарил на поддршката што Австрија ѝ ја дава на Македонија при справувањето со катастрофи од поголеми размери.
Австрискиот полициски аташе, Клаус Михаил Грубер, ја актуализира потребата од потпишување на меморандумот за соработка помеѓу Федералното министерство за внатрешни работи на Австрија и ДЗС за соработка во доменот на превенција од природни и предизвикани од човек катастрофи и за отстранување на последиците од нив.
Од ДЗС посочуваат дека текстот за меморандумот е подготвен во периодот од 2021 до 2022 година и ќе се ревидира и подготви за потпишување, што ќе биде во насока на продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете институции и држави.

Македонски



